| четврток, 6 декември 2018 |

Тензии на граница, мигранти од БиХ насилно се обиделе да влезат во Хрватска

Полицијата на Босна и Херцеговина вчера спречи околу 400 мигранти да влезат во Хрватска. Мигрантите запалиле оган и поставиле импровизирани шатори. Исто така тие го блокирале патот, а полицијата соопшти дека дошло до помали судири кога мигрантите се обиделе да се приближат до границата во близина на Велика Кладуша.

-Три пати се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, но полицијата ги враќаше назад- рекла портпаролката на пограничната полиција Санета Дујковиќ.

Претходно вчера, друга група од повеќе десетина мигранти, меѓу кои и деца, со автобуси биле превезени од друг пограничен премин во селото Изачиќ каде ја поминале ноќта. Полицијата и таму спречила мигрантите да дојдат до границата, додека децата извикувале „Хрватска, Хрватска“.

Во меѓувреме пристигнала уште една група од околу 100 мигранти, со воз од Сараево. Тие од утринава се блокирани во возот затоа што полицијата не им дозволува да излезат на железничката станица.

Во моментов во тек е состанок на оперативната група за надзор над мигрантската криза и повеќе информации ќе бидат познати подоцна. Вчера министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ и Владата на Унско-санскиот кантон се договориле мигрантите да се преместат од урбаните делови на кантонот.

Мигрантите преку Хрватска сакаат да продолжат кон западните земји. Хрватската полиција соопшти дека нема да дозволи нелегален влез во земјата, а предупреди и на лажните гласини дека хрватските граници ќе бидат отворени за да се овозможи слободен влез на мигрантите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top