| четврток, 6 декември 2018 |

Вистината која мора да ја знае секој човек кој преживеал партнерско насилство

Никогаш не сум отишла на терапија откако преживеав партнерско насилство, затоа што потајно не верував дека бев злоставувана. По повеќе години, откако напишав неколку текстови и песни за тоа и додека учев за невидливите механизми на злоставување и трауми како студентка на терапија, лицето кое ме злоставуваше беше закопано некаде во мојата потсвест (се уште не можам да го наречам „мој злоставувач‟). Од тоа скриено место во мене, постојано ми шепотеше глас дека лажам, дека само сакам внимание, дека луѓето како мене не можат да бидат злоставувани бидејќи ние заслужуваме насилство. Се чувствував како скршено лице, која скапува од внатре и која не заслужува однос полн со љубов која не вклучува насилство.

Сфатив дека не сум исклучок од правилата дури кога почнав да спроведувам терапии и да работам со други жртви. Било кој може да биде жртва на насилство. Преживеаното насилство може да биде невидливо дури и на тој или таа на кого му се случило. Дури и кога тие кои преживеале насилство ќе прозборат за тоа, можат да се чувстуваат како тоа да го прават на погрешен начин. Се обвинуваат себеси, дека требале да бидат похрабри, повеќе да простуваат и повеќе да сакаат, додека се обидувале да се заштитат.

Кога почнав да се занимавам со тие интернализирани и разорни идеи со своите клиенти и клиентки, морав да се позабавам и со сопствените идеи. Додека работевме заедно на терапиите, моите клиенти и јас откривавме силни и исцелувачки вистини.

Ќе ги наведам тука, за сите вас кои сте доживеале насилство. Се надевам дека тоа ќе ви значи толку многу колку што ми значеа и мене.

1. Ти не си виновна или виновен
Ова се зборува на многумина кои преживеале насилство но ретки се оние кои навистина веруваат во тоа. Ако тоа е твој случај, пробај со ова: повторувај во себе, секој ден. Погледни се во огледало право во очи и кажи: „Не си виновна за насилството кое ти го направил некој друг. Тоа не било твоја вина тогаш, тоа не е твоја вина ни сега. Ти не си виновна‟.

2. Не можеш да „заслужиш‟ злоставување

Една од најподмолните последици од насилствата е идејата дека сме направиле нешто што предизвикувало насилство, но и дека тоа сме го направиле затоа што длабоко во себе сме лоши. Психолозите тоа го нарекуваат „когнитивна дисонанца‟. Со едноставни зборови, полесно е да се верува дека сме заслужиле насилство отколку да сфатиме дека некој кого го сакаме е насилен кон нас, без никаква причина.

Бидејќи злоставувањето најчесто не престанува ако го промениме нашето однесување, почнуваме да веруваме дека за тоа повеќе придонесуваат нашите дела, отколку нашата личност и нашите мисли.
Докторката и истражувачка на трауми Џудит Херман пишува дека не е доволно тоа дека многу злоставувачи ја заплашуваат и дека доминираат со својата жртва, туку мораме да почнеме да размислуваме како што злоставувачите размислуваат и да признаеем дека злоставувањето е оправдано.

Но, невозможно е да заслужиме злоставување затоа што не постои оправдување за насилство. Ниту јас ниту вие не сме го заслужиле она што ни се случило.

3. Не си непоправило скршен-а

Колку пати сум слушнала од жртвите дека се чувствуваат дека се „скршени‟ луѓе? Колку пати тоа сум го рекла за себе?

Поради последиците од траумите злоставувањето можеме да го чувствуваме како нешто темелно да било откорнато од нас, нешто што никогаш нема да можеме да го вратиме. Стереотипите за жртвите и медиумското портретирање на тие кои преживеале насилство како хистерични, слаби и психолошки оштетени, придонесува за тоа чувство.

Жртвите често се дефинирани со злоставувањето кое го доживеале наместо како вистински динамични луѓе. Им зборував на своите клиенти и клиентки дека сметам дека злоставувањето може да те повреди, но неможе да те скрши. Тоа ме научија да го зборувам. А потоа сфатив дека тоа погрешно звучи во однос на моето внатрешно сфаќање на злоставувањето. Вистина е дека насилството може да ни одземе одредени делови на одредено време: нашиот капацитет да се чувствуваме романтично или сексуално, нашето сфаќање за нас самите како добри и среќни луѓе, нашата способност да веруваме во другите, итн.
Она во што навистина верувам е: ако се чувствувате дека насилството ве скршило, тогаш можеби и навистина сте скрешни. И јас бев скрешан долго време. Но, невозможно е непоправливо да се скрши човечкиот дух.
Ти и јас? Ние преживеавме. Со доволно време, можеме да зајакнеме од било што.

4. Имаш право да се чувствуваш како што се чувствуваш

Злоставувањето е огромно, сеприсутно животно искуство кое ја бои твојата перцепција за себе, светот и се во него. Имаш право да чувствуваш што и да чувствуваш: гнев, тага, очај, желба за одмазда, надеж или ништо. Твоите чувства припаѓаат на тебе и ти бираш како ќе ги изразиш. И не, не кукаш премногу. И не мораш да престанеш да се „сожалуваш сама себе‟. И не мораш да „преболиш‟ ништо побрзо од што сакаш. Ако сакаш внимание, заслужуваш внимание. Прифаќањето на чувствата е почеток на ослободување.

5. Само ти одлучуваш дали и кога ќе му простиш на тој што те злоставувал

Кога луѓето зборуваат за злоставувачите обично одат во две крајности. Во една, наоѓаат оправданија за нив; во друга ги опишуваат како да се ѓаволски изроди. Луѓето секогаш ни зборуваат дека мора да простуваме брзо или да мразиме посилно од што сме подготвени. Сакаат да ги исфрлиме тие луѓе од нашите животи, викаме полиција и бараме „правда‟. Или сакаат да го свртиме другиот образ, да бидеме подобри луѓе „да ги отвориме своите срца‟. Имам подобра идеја: ти одлучуваш за тоа дали и кога ќе му простиш. Ако сакаш прости денес, а барај правда утре или обратно, или ниту едно, тоа зависи од тебе.

6. Во ред е да го сакаш својот злоставувач

Еве една тајна: секогаш најмногу ќе го сакам лицето кое најмногу ме повредило. И никогаш нема да престанам да го сакам и да престанам да се трудам. Љубовта и злоставувањето делат комплициран ужасен пресек. Можам само да кажам дека љубовта никогаш не може да го оправда злоставувањето и дека злоставувањето не ја поништува можноста за љубов. Ако се уште го сакаш лицето кое те злоставува, тоа не те прави слаб или слаба ниту пак злоставувањето помалку реално.

7. Можеш да веруваш на сопствените чувства (дури и ако сеќавањата ти се менуваат)

Можно е твоите сеќавања на злоставувањето да се менуваат или бледеат кога не можеш секогаш точно да се сетиш што ти направил злоставувачот. Приказната може да се менува додека зборуваш без оглед на твојот труд да се држиш до нешто цврст во зборувањето. Тоа ми се случува и на мене и кога се случува почнувам да се мразам. Велам дека сум луда и лажливка. Но, „замаглувањето‟ и траумите функционираат така да ја менуваат нашата перцепција за реалноста. Всушност многу е вообичаено луѓето кои преживеале било каква траума, да не можат да се сетат што точно се случило секој пат на ист начин. За разлика од линеарното памтење, емотивното памтење се разбиструва со тек на времето. Тоа значи дека можеби нема да можеш да се сетиш точно на секој детал на злоставувањето, но ќе се сеќаваш на чувствата. Ќе се сеќаваш на ужасот, чувството на безнадежност и потиснат гнев. Тие чувства, повеќе од ладни факти во правна смисла, се твои темели на вистината.

8. Храбра, или храбар си

Би сакала нешто да разјаснам. Да се прекине врска со насилен партнер или партнерка е храбро, тоа не е „бегање‟. Да се остане во врска со насилен партнер е храбро, не е „негрижа за себе‟. Враќањето во врска со насилен партнер е храбро, не е „попуштање‟. Имаме комплексни причини за одлуките кои ги донесуваме и тие најчесто имаат врска со тоа што е можно, а не со тоа што е храбро. Секогаш си бил храбар или храбра, дури и кога не си се чувствувала така. Никој не треба да ти го каже спротивното.

9. Заслужуваш подобро

Се сеќавам дека очајнички се држев за насилни партнери бидејќи верував дека тоа е најдобро што можам да го добијам. Тие исти луѓе тоа го потврдуваа зборувајќи ми дека се жртвуваат за мојата љубов и дека сум среќна што ги имам, бидејќи друг никој нема да ме сака. Ако долготрајно не се чувствуваш добро во врска со љубовта која ја примаш, тогаш заслужуваш нешто подобро. Сите врски поминуваат низ периоди на конфликти и не се едноставни. Но, да се биде сакан на вистински начин не вклучува чувства на понижување и страв. Сите заслужуваат да бидат сакани на вистински начин.

10. Заслужуваш да бидеш сакан или сакана, дури и твоето вистинско „јас‟

Како некој кој доживеал партнерско насилство научив да чувам тајни за тоа што мислам и што сакам. Тие тајни исто така содржеа грозни вистини за тоа кој сум јас и долго време се гледав низ таа призма. Ако некој би ги дознал тие тајни, ако некој би дознал кој сум јас всушност, не би ме сакал повеќе. Дури откако ги слушнав приказните на останатите кои доживеале слично, научив да ги отпуштам тие тајни. Сфатив дека заслужувам да бидам сакана, во целост, дури и тие делови во мене кои ги мразев. Заслужувам да бидам сакана. Заслужуваш и ти.

11. Работите можат да се променат

Драги мои, сите кои сте проживеале насилство, ако не верувате во ништо што до сега го напишав во овој текст, се надевам дека можете барем да верувате во ова: работите можат да се променат. Злоставувањето не смрзнува во времето и не заробува во моментот. Се чувствуваме дека за секогаш ќе бидеме злоставувано лице и дека за секогаш ќе бидеме во врска со лице кое не злоставува. Дури и откако ќе излеземе од врската, трауматските сеќавања на злоставувањето остануваат во нас, враќајќи не назад во тоа време. Но, ако нешто научив од сопствената историја за врска со насилен партнер, тоа е ова: Злоставувањето може да престане. Можеш да зајакнеш. Работите можат да се променат.

Извор: Everyday Feminism

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top