Претседателот Ѓорге Иванов денеска на маргините на климатскиот самит во Париз имаше средба со германската канцеларка Ангела Меркел, јавува дописникот на МИА. Соговорниците размениле мислења за актуелната мигрантска криза, безбедносните предизвици и состоjбата со европската интеграциjа на Македонија.
Канцеларката Меркел го информирала претседателот Иванов за исходот од вчерашниот самит ЕУ- Турција. Претседателот Иванов од своја страна, ја запознал канцеларката Меркел со мерките што ги презема Македонија за соочување со ситуациjата и посебно укажа на фактот дека сè уште нема ништо од ветената европска помош за македонските институции.
Воедно, Иванов укажал дека Македонија инсистира на мисија на Фронтекс на jужната граница, а обрнал внимание и на недостигот од директна комуникација меѓу македонските и грчките институции, на секое потребно ниво. Македонскиот претседател нагласил дека е нужно Македонија, конечно, да почне со преговори и акцентирал дека кризата јасно укажува дека земjите од Западниот Балкан требаше одамна целосно да бидат интегрирани во ЕУ.
На средбата, како што информираа од кабинетот на Иванов, е заклучено дека Македониja и Германиja имаат исти интереси во однос на емигрантската и бегалската криза, како и дека и натаму треба да продолжи и да се продлабочи интензивната комуникациja и размена на информации меѓу двете земjи, посебно во однос на актуелната емигрантска криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.