Металург го одигра последниот натпревар на домашен терен оваа сезона во Лигата на шампионите. Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ домаќините загубија минимално со 24-25 против данската екипата Скјерн која важеше за фаворит и во овој натпревар, но и меѓу екипите во групата за пласман во следната рунда.
Очекувано, по завршувањето на 60.минути играчите на Скјерн се радуваа бидејќи обезбедија пласман во нокаут фазата. Последниот натпревар на домашен терен против лидерот Мотор ќе биде формалност бидејќи двете екипи одат понатаму.
Металург во последното коло ќе гостува кај Елверум во обид да го избегне фенерот во групата.
Во овој дуел македонскиот тим повторно немаше среќа во завршницата бидејќи при негатива од еден гол, Филип Талевски на три секунди до крајот високо ја упати топката над голот и ја пропушти шансата за израмнување.
Освен во првите пет минути кога Металург поведе со 2-0, во текот на целиот меч Данците беа тие кои до го диктираа темпото. На полувреме заминаа со два гола предност 11-13.
Второто полувреме започна со четири гола во серија за Скјерн кога дојдоа до највиското водство во 11-17, но по тајмаутот кој го побара Лино Червар, Металург повторно фати приклучок и намали на само еден гол негатива. Тоа го принуди тренерот на Скјерн да побара минута одмор што се покажа успешен потег за Скјерн. По тајмаутот гостите одново се одлепија на плус три. (17-20). Се до последната минута Металург можеше многу лесно да им ги помати сметките на гостите, но тоа не се случи.
Најефикасен кај Металург беше Јанко Божовиќ со осум погодоци. По три гола за „металурзите“ постигнаа Филип Талески, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски. Во тимот на Скјерн, Ласе Микелсен беше прв стрелец со шест гола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.