| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ со скандалозни предлози за партизација на медиумите

Без договор завршиле синоќешните преговори меѓу работните групи на партиите за реформи во медиумската сфера. Изворите од преговорите информираат дека разговарало за составот на Агенцијата за медиуми и начинот на нејзино функционирање но политичките партии не успеале да ги доближат ставовите, објави „Канал 5“.

mediumi

Истите извори тврдат дека СДСМ предлагаат до десеткратно зголемување на казните за медиумите како и директорот на Агенцијата, кој ќе биде назначен по нивен предлог, да може самостојно да одлучува околу одземање на лиценцата на некој од медиумите.

Имено, измените и дополнувањата на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидуваат директорот на Агенцијата да го избира Собранието по предлог на опозицијата, наместо по пат на јавен конкурс, со јасни критериуми, како досега, велат извори од преговорите. Освен тоа, како што откриваат изворите, опозицијата побарала ЗЕЛС, Интер­ универзитетската унија и Адвокатската комора да се исклучат од овластени предлагачи на членови на Советот на Агенцијата, а за таа сметка опозицијата да предложи три члена.

Од Програмскиот совет на МРТ, пак, да се избришат Интеруниверзитетската унија, Националните установи Албански и Турски Театар и ЗЕЛС, се со цел СДСМ да обезбеди мнозинство во советот. Друг пример за брутална партизација на медиумите, како што тврдат изборите, е заложбата на СДСМ директорот на Агенцијата кој ќе биде избран по нивен предлог да може сам да одлучува дали некој медиум има право да работи или не и да може да му ја одземе лиценцата, без согласност од Советот.

Како што тврдат извори од преговорите предлогот предвидува директорот врз основа на лична проценка да може да одземе дозвола за работа на медиум, односно сам да одлучува што е, а што не е објективно новинарство, дали медиумите ги негуваат моралните и хумани вредности или не, дали поттикнуваат еднаквост на правата и слободите и дали новинарите и уредниците во својата работа се одговорни и независни, што е субјективна проценка на секој граѓанин.

Комплетната измена пак на членот 147 од Законот, предложена од СДСМ според изворите, предвидува од четири до десеткратно зголемување на казните за медиумите. На пример казните кои медиумите досега ги плаќаа во износи 10 000 до 20 000 да бидат зголемени на 40 000 до 50 000 евра. Или ако за сторен прекршок медиумите сега плаќаат од 1 000 до 3 000 евра, според предлогот на СДСМ, за ист прекршок ќе треба да платат од 10 000 до 20 000 евра.

Меѓу предложените измени од страна на работната група на СДСМ, како што додаваат изворите, биле и предлогот за целосно бришење на Членовите 145 и 146 од Законот, со што се укинува и обврската на медиумите да продуцираат и емитуваат домашна програма. Вакви примери во кој директори на Агенцијата за медиуми и на јавниот сервис се бираат по партиски предлог, нема во ниту една земја членка на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top