Кластерите за текстил на Македонија и Бугарија размислуваат да создадат заеднички бренд како гаранција за квалитетно, стандардизирано производство.
Ова е заклучокот од денешниот форум во Штип на кој членовите на двата кластера дебатираа на темата „Јакнење на капацитетите на текстилната индустрија во пограничните региони преку учење на добри практики и имплементација на промотивни активности“.
– Сакаме да ја промовираме потребата од формирање т.н. меѓуграничен бренд кој ќе значи дека компаниите произведуваат со приближно исти квалитет и со почитување на исти норми во производниот процес и кон вработените. Сакаме да поставиме стандард во текстилното производство, рече претседателката на македонскиот кластер за текстил Маријана Перковска.
Како што посочија Перковска и нејзиниот колега, претседателот на бугарскиот кластер Јордан Беловоцки, текстилните гранки на Македонија и Бугарија се соочуваат со слични проблеми: бројот на вработените е намален, а влошен е и имиџот на индустријата.
– Нам ни е неопходна и модернизација на машините. Воедно бараме владините институции да помогнат со доделување грантови и поволни кредити. Во последните десет години намален е бројот на вработени, а тоа се должи на миграцијата на населението, истакна Перковска.
Беловоцки, пак, нагласи дека иако кај нив се работи со посовремени машини за шиење, голем проблем и натаму е недостигот на работна сила. Сепак, додаде, одредена финансиска полза има од Фондовите на ЕУ.
Соработката на македонскиот и бугарскиот кластер се реализира со средства од ИПА програмата за меѓугранична соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.