Раководството на главниот париски аеродром „Роаси-Шарл де Гол“ отпушти 57 вработени, осомничени за радикални ставови.
Полицискиот префект Филип Рифо, одоговорен за безбедноста на аеродромите во Париз, денеска на прес-конференција изјави дека ваквите мерки биле преземени по неколкуте терористички напади, извршени во земјата оваа година.
Тој појасни дека петмина од 57-те вработени, се отпуштени по неодамнешните напади во Париз на 13 ноември и додаде дека ќе следуваат нови откази.
Од почетокот на оваа година биле проверени 86 илјади лица, кои имаат пристап до затворените зони во аеродромот, а на проверка се подложени и соработници на француската Дирекција за внатрешна безбедност.
По воведувањето на вонредната состојба во Франција на 13 ноември во различните сектори на аеродромите, како и во компаниите кои се поврзани со нив, биле спроведени претреси, во кои биле отворени шкафовите на четири илјади вработени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.