| четврток, 6 декември 2018 |

Оланд: Франција ќе направи сè за да ја уништи армијата фанатици

Со звуците на „Марсељезата“, следена со песната на Жак Брел „Кога имаме само љубов“ и „Перлимпинпин“ на Барбара, додека портретите на 130 жртви се појавуваа на екранот во алејата пред Домот на инвалидите во Париз, им беше оддадена почит на жртвите во терористичките напади од 13 ноември, јавува дописникот на МИА од Париз.

oland1-650x310

Пред околу 2.000 лица, на кои беше видлива тагата, меѓу кои семејствата на загинатите, прежиевани, припадници на силите на редот, спасувачките екипи, дипломатскиот кор и владата, беа прочитани имињата на 130 жртви, 350 ранети за кои денеска се тагуваше во Франција, но и во уште 17 други држави. Просечната старост на жртвите беше 35 години, тие зад себе оставија 52 сирачиња на возраст од неколку месеци до 15 години.

– 13 ноември е ден кој никогаш нема да го заборавиме, Франција беше кукавички нападната, во организиран воен акт подготвен надвор и ладнокрвно извршен. Ордата убијци, уби 130 и рани стотина во име на една луда кауза и изневерен бог – порача претседателот Франсоа Оланд.

– Денес целата нација, секој жив, плаче за жртвите. 130 имиња. 130 оттргнати животи, 130 покосени судбини, 130 насмевки кои повеќе нема да се слушнат. 130 гласови кои замолчеа за секогаш – продолжи тој.

– Овие жени и мажи ја инкарнираа среќата за живеење, бидејќи го претставува животот тие беа убиени, бидејќи ја претставуваа Франција беа убиени. Бидејќи беа слободата, тие беа масакарирани.

– Во овој тежок и болен момент, кога нацијата се обединува, им испраќам во нејзино име сочувство, љубов, солидарност на семејствата и на блиските, обединети тука во истата несреќа – порача францускиот претседател.

– 130 мртви и толку многу ранети и жигосани за секогаш, жигосани во кожата, трауматизирани во длабочината на душата, сакам едноставно да ги кажам зборовите: Франција ќе биде до вас, ние ќе ги обединиме силите за да ги намалиме болките и откако ќе ги закопаме мртвите ќе треба да ги поправиме живите – рече шефот на француската држава.

Франсоа Оланд, видно трогнат од драмата со која се соочува неговата нација, свечено вети: На сите вас ви ветувам, свечено, дека Франција ќе направи се за да ја уништи армијата на фанатици кои ги направија овие злосторства, дека ќе делува непрекинато за да ги заштити своите деца. Ви ветувам, исто така, дека Франција ќе остане истата. Таа која исчезнатите ја сакаа.

Свеченоста заврши повторно со интонирање на „Марсељезата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top