По двата порази од Барселона, македонскиот ракометен шампион Вардар ќе се обиде да ја прекине серијата и да се врати на победничките патеки. Сепак задачата нема да биде воопшто лесна бидејќи ќе гостува во Полска кај добро познатиот противник екипата на Кјелце.
Покрај тешкиот противник Вардар се соочува со голем проблем бидејќи утринава со екипата не отпатува средниот бек и еден од главните играчи во нападот, Игор Карачиќ. Тој цела недела не тренираше со екипата поради болки во коленото, па тренерот Раул Гонзалес одлучи да не ризикува и му даде дополнително време на Хрватот да се подготви за последниот дуел во Скопје против Колдинг пред паузата за репрезентативни настапи на Европското првенство во Полска во јануари.
Единствена замена за Карачиќ ќе биде неговиот сонародник Лука Циндриќ кој игра променливо оваа сезона, и ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети против еден од најдобрите тимови во Европа.
Вардар на домашен терен го декласираше Кјелце со 10 разлика, но избраниците на Талант Дујшебаев дополнително ќе бидат засилени со Урош Зорман кој не играше во Скопје поради суспензија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.