| четврток, 6 декември 2018 |

Смена во Куманово, си заминаа тренерот Луковиќ и Мандиќ

lukovic

Управата на македонскиот кошарарски вицешампион КК Куманово информира дека во текот на вчерашниот ден се договориле за спогодбен раскин на договорот со тренерот Љубисав Луковиќ. Српскиот стратег се врати во Куманово по едногодишна пауза во обид да му помогне на тимот да направи чекор напред по ланскиот пласман во финалето од плејофот. Сепак, резултатите на стартот на сезоната беа под очекувањата на раководството и навивачите, а откако Куманово не се пласираше ниту во втората фаза од Еврокупот на ФИБА, раководството на клубот се реши за промена во стручниот штаб.

– Имавме долг состанок, на кој на крајот беше договорено спогодбено да се прекине соработката со Љубислав Луковиќ. Му благодариме за сработеното во досегашниот дел од сезонава, а наш нов тренер ќе биде Страшо Тодоровиќ – изјави директорот на кумановци, Младен Давидовиќ.

Изборот на Тодоровиќ во една ваква ситуација е сосема логичен, со оглед на фактот дека токму под водство на овој тренер Куманово минатата сезона стигна до финалето од плејофот.

Воедно, Куманово и официјално ја прекина и соработката со крилниот кошаркар, Вукашин Мандиќ. Српскиот кошаркар на последните средби не беше во составот на кумановци, па и покрај тренерската смена беше донесена одлука и тој да си замине од редовите на македонскиот вицешампион.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top