Лионел Меси и дава сигурност, елан и ефикасност на Барселона и со него во составот Каталонците се многу посилни. Тоа Аргентинецот го презентираше и вечерва, со асистенција за гол на Педро, вреден полуфинале во Лигата на шампионите. Барселона и Пари сен Жермен повторно одиграа нерешено, овојпат 1-1 и само благодарение на еден погодок повеќе нагости, шпанскиот претставник оди понатаму. Во првиот меч во Париз, беше 2-2. Сигурно, со нова победа од 2-0, во квартетот најдобри екипи во Европа се проби и Баерн, по четвртфиналниот двомеч со Јувентус.
Барселона се најде на работ на елиминација, по погодокот на Хавиер Пасторе на „Камп Ноу“, за предност на ПСЖ од 1-0. До крајот имаше уште 40 минути, а Тито Виланова мораше во игра да го внесе недоволно закрепнатиот Лионел Меси. Тоа се покажа како добитна комбинација и по акцијата на најдобриот стрелец во Европа, Педро Рордигес израмни на 1-1, во 71. минута. До крајот немаше голови, а вкупниот збир беше 3-3. Правилото за гол повеќе постигнат нагости, во случај на израмнет скор, значи пласман на Барса во полуфиналето. Таму е и Баерн, кој рутински ја повтори претставата од Минхен и пак го победи Јувентус со 2-0.
Манџукиќ и Пизаро ги разрешија сите дилеми и Баварците ќе ја очекуваат петочната ждрепка, заедно со Барселона, Реал Мадрид и Борусија Дортмунд. Натпреварите ќе се играат на 23. и 24. април, а реваншите се една седмица подоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.