Во скопските кина „Милениум“ и „Синепелкс“ од 9 до 13 декември ќе се одржи второто издание на Детскиот филмски фестивал „Кидс фест“. На Фестивалот ќе бидат премиерно емитувани осум најдобри 2Д и 3Д филма за деца.
„Кидс фест“ е уметнички фестивал за филм и за забава, конципиран по угледот на слични манифестации во светот. Најголемиот број анимирани филмови од програмата се синхронизирани на македонски јазик.
Посетителите на „Кидс фест“ веќе ги познаваат Каспер и Еми, а нивната авантура оваа година продолжува на сафари. Тука се и другите познати другарчиња – Зозонците, шест анимирани неразделни пријатели во хит-филмот „Зозонците во земјата на ветрот“ 3Д, кои се борат да го зачуваат гратчето Пуф од враните – вештерки.
Играниот француски филм „Книгата на магии“ изобилува со магија, а главниот јунак има прстен со чијашто помош станува невидлив.
Освен анимираниот и синхронизираниот филм „Смотанко и Трапавко: неверојатна мисија“ 3Д за тајните агенти што користат неверојатни изуми, на програмата на второто издание на „Кидс фест“ ќе се најдат уште неколку 3Д остварувања, меѓу кои е и авантурата за неодоливото кученце Снупи и неговиот сопственик Чарли Браун во филмот „Чарли Браун и Снупи: филм за дружината“ 3Д. Од Азија пак, ни пристигнува анимираната авантура „Змејовото гнездо: зора на воинот“ 3Д.
На децата што ги сакаат пиратите ќе им се допадне норвешкиот игран филм „Капетан Сабјозаб“, додека комедијата „Пудрата на доктор Проктор“ ќе ги насмее до солзи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.