| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) „Приказни од Мјаукедонија“ – Исповед на мачката на Игор Џамбазов

igor-dzambazov05„Каква е ова шугава среќа моја, првиот свој роденден да го прославам во годината која е и последна во историјата?

Овој датум го измисли мојот Сопственик. Дошол до него по пат на математички анализи. Дента кога сум се појавила во неговиот живот, според него сум била тазе прогледана. И во право е. Тој ден со Мама Мона прогледав. Е па од тој ден, па се до нашето запознавање, ноќта кога ја закопаа малата Ејми Вајнхаус, поминале точно три недели. Значи отприлика, први јули. Ама тоа отприлика. Од тепка. Како на неотпакуван фрижидер.

Произведено во јули 2011. Ни датум, ни бутур.

Ако де, први, први…кој ти го дава. Барем ќе бидам во ист ден со Тончи. Тони Кумановац. Чув дека тој многу сакал и чувал мачки.

Ајде, аирлија нека е!“

 

Вака го започнува исповедот за својот роденден, 1 јули, младата и талентирана мачка, Емилија Џамбазова – Бавчанска. Нејзината приказна започнува токму на денот кога прогледува, а првиот хомо-сапиенс на кој ќе налета е нашиот познат актер и водител, Игор Џамбазов.

„ Република“ го посети Саемот на книгата и  штандот на издавачката куќа „Три“ каде во нејзинот име, Игор го потпишува секој купен примерок од книгата „Приказни од Мјаукедонија“ и му става посебен печат со шепата на Ејми.

igor-dzambazov03

И Елена Ристеска доби посвета од авторот на „Приказни од Мјукедонија“

–          Чудна е целата приказна уште од почетокот. Идејата Ејми да напише книга се роди во моментот кога таа ми призна дека го разбира нашиот јазик. Бидејќи знаев дека никој нема да ми верува дека моето маче разбира се, решив да го докажам тоа на следниот начин – ќе напишам книга според нејзините мемоари – ни раскажа Игор.

igor-dzambazov01

–           За жал мене многу малку ме има во книгата, изгледа не сум и бил интересен. Ме има, ме има, сепак јас сум првиот хомосапиенс на кој налета таа и првиот хомо-сапиенс со кој таа ја откри нејзината моќ, што ја имаат само неколку мачки во милијарда, а тоа е да го разбира човечкиот јазик, со особена назнака кон македонскиот јазик и кириличното писмо – додава тој.

elena-ristevska

Помеѓу останатите посетители, на штандот го начекавме и неговиот татко, Александар Џамбазов, кој доби една необична посвета – за дедо Александар.

dzambazov-elena

Маестро Џамбазов, најголем поддржувач на Игор,
кој нема сила и храброст да ги прочита неговите книги

–          Прво бев изненаден зошто баш дедо Александар и го прашав Игор да не има нешто ново да ми каже, но тој ми рече дека тоа е затоа што Ејми е негова ќерка, значи моја внука – на смеа ни раскажа маестро Џамбазов.

Ејми загуби 7 од нејзините 9 мачешки животи во една година, но има уште многу да раскажува, така што „Приказните од Мјаукедонија“ нема да останат запишани само во една книга. Таа за еден месец заедно со Игор се повлекува во Слепче, каде што тој ќе може на раат да запишува уште исповеди на најпознатата мачка во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top