Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, вечерва на деловната вечера ја очекува канцеларката на Германија, Ангела Меркел. Главната тема на разговорот меѓу нив е формирањето на алијансата против „ИД“ и давање моќен отпор на можни терористички закани.
Средбата Оланд-Меркел е последица на терористичките напади во Париз и инцидентот со рускиот авион на турско-сириската граница.
Ако Французите побараат од нас поддршка, ние не можеме да им кажеме НЕ, напишаа денес германските медиуми, убедени дека Франсоа Оланд ќе инсистира на поголема воена посветеност на Берлин во борбата против „ИД“.
Според експертите во областа на безбедноста, тоа значи дека француската страна ќе побара Берлин да се вклучи во руско-француската акција против исламистите со борбените авиони „торнадо“.
Борбените авиони од типот „торнадо“ се опремени со специјални камери кои можат да наоѓаат и да фотографираат клучни позиции и објекти на терористичката група. Околу сто воени експерти на Бундестагот во моментов се наоѓаат во северен Ирак и работат како обучувачи на Курдите од Пешмерга.
Исто така, денес стана јасно дека во документ со доверлив карактер и адресиран до генералниот инспектор на Бундестагот, се предлага бројот на германските воени специјалци во северен Ирак да биде зголемен до 150 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.