| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров повторно бара од Лекарска комора да им ги одземе лиценците на пијаните анестезиолози

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска повторно побарал од Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) да им ги одземе лиценците на пијаните анестезиолози од болницата во Гевгелија, објави „здравство24“.

Тодоров испратил писмо до Комората, во кое апелира да се запрашаат сите дали е совесно, одговорно и законито извршување на лекарска професија во состојба на пијанство со алкохол во крвта преку 1,5 промили.

Тодоров навел дека ваквото однесување е спротивно на Законот за здравствена заштита, Кодексот на медицинската деонтологија и спротивно на етичките и на општествени норми. Според министерот за здравство, извршувањето на лекарска професија под дејство на алкохол претставува можност за сериозно загрозување на животот и здравјето на пациентот и е силен основ за одземање на лиценцата.

Тодоров им напишал на претставниците од ЛКМ дека без одолговлекување мора да бидат преземени сите мерки што ги имаат на располагање имајќи предвид дека во конкретниот случај, како последица, има смрт на родилка и на бебе.

Токму затоа министерот за здравство бара од Лекарската комора да ги преземе сите мерки во рамките на надлежностите со цел преку расчистување на случајот согласно со позитивните прописи, да се индивидуализира одговорноста на поединецот лекар како би се заштитил угледот на професијата, но и достоинството на секој пациент и на здравствениот систем во целост.

Согласно со членовите 1 и 3 од Кодексот на медицинската деонтологија донесен од ЛКМ, лекарите се обврзуваат дека својата професија ќе ја вршат совесно и одговорно и притоа се должни да ги почитуваат законите и обврските.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top