Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска заедно со владина делегација во чиј состав се вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, и заменик-министерот за економија, Христијан Делев, учествуваше на 4. Самит на шефови на влади од земјите на Централна и на Источна Европа и НР Кина и на 5. Економско-трговски форум што се одржува во градот Суџоу, Народна Република Кина.
Премиерот Груевски имаше обраќање на Самитот на шефови на влади каде се присутни 16 делегации од држави од Источна и од Централна Европа и домаќинот, кинескиот премиер Ли Кечијанг.
– Република Македонија и НР Кина ги поврзува традиционалното пријателство чии билатерални односи континуирано бележат нагорен тренд, но и зголемена соработка во реализација на важни проекти во рамките на Централноевропската иницијатива – истакна премиерот Груевски.
Како што информира владината прес-служба, тој посочи дека во рамките на посветеноста на НР Кина на процесот на соработка со земјите од Централна и од Источна Европа и отвореност на кинеската економија за поблиски релации со нив, Република Македонија ја препозна и ја прифати можноста понудена од страна на кинеската влада за финансирање на инфраструктурни проекти во рамките на формираниот фонд со Варшавската иницијатива.
Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија е првата држава која потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, имплементирани во изградбата на двете нови автопатски делници Скопје – Штип и Кичево-Охрид кои во моментов се во фаза на изградба.
Македонскиот премиер се осврнал и на можностите за идна соработка и за реализација на проекти кои се од големо значење за државата и за регионот.
– Низ територија на Македонија минуваат важни европски коридори и постои голем интерес нашата земја да се вклучи во нови заеднички инфраструктурни проекти во рамките на Процесот на соработка 16+1. Македонија успева да сочува стабилна макроекономска политика и да постигнува одлични резултати признати од реномирани меѓународни финансиски институции. Владата на Република Македонија е цврсто посветена на привлекување странски инвестиции и е отворена за кинеските инвестиции – изјави Груевски во своето обраќање.
Изрази увереност дека со заеднички заложби ќе се унапреди севкупната заемна соработка меѓу Република Македонија и НР Кина, во интерес на економската стабилност, заедничкиот просперитет на регионот и благосостојба на народите.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека соработката на НР Кина со државите од Централна и од Источна Европа е пример за исклучителна посветеност и за искористување на расположливите потенцијали.
– НР Кина е заинтересирана за инвестиции во инфраструктурата, особено во делот на инвестирање во патишта и железница, градежништвото, информатичките технологии, земјоделието, а досегашните самити покажаа дека секоја од владите работи напорно за достигнување на понапредни нивоа на соработка – изјави кинескиот премиер Ли.
Тој посочи и дека НР Кина продолжува да биде стратешки партнер на земјите од Централна и од Источна Европа и интензивно работи на поттикнување на кинеските компании да инвестираат во проекти во тој регион и дека очекува таквата соработка неколкукратно да се зголемува во периодот што следува.
– Политичката доверба на страните го сигнализира огромниот потенцијал за економска соработка, трговија и инвестирање во земјите на Централна и на Источна Европа и заедно со нив. Во моментот, кинеските компании се подготвени за инвестирање во државите во Европа, инвестицискиот пакет е пет милијарди долари и мислам дека во наредниот период инвестициите би растеле за половина од оваа сума – изјави премиерот Ли.
-Во рамките на Економскотрговскиот форум во градот Суџоу каде се присутни преку 1.000 стопанственици и претставници на компании од Кина и 16 држави од Централна и од Источна Европа учествуваат и претставници на повеќе македонски компании организирани од Сојузот на стопански комори. Форумот претставува можност за создавање на конекции за соработка и запознавање со бизнис-климата и можностите кои се нудат за инвестирање и за зголемување на трговската размена – соопшти владината прес-служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.