| четврток, 6 декември 2018 |

Во Тетово е возобновен професионалниот театар на македонски јазик

Со премиерата на претставата „Чернодрински се враќа дома“ во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово, вчеравечер, 23 ноември, официјално започна со работа организационата единица при Националната установа Тетовски театар што ќе подготвува драмски дела на македонски јазик…

Претставата „Чернодрински се враќа дома“ е по текст на Горан Стефановски, а во режија на Дамјан Читкушев.

По 59 години ова е возобновување на професионалниот театар на македонски јазик во Тетово. Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска рече дека до формирањето на новата организациона единица во рамките на Тетовскиот театар доаѓа по одлуката на седница на Владата.

– Со премиерата на претставата „Чернодрински се враќа дома“ се збогатува понудата на настани од културата во Тетово. Тетовскиот театар има задоволителна динамика во својата работа со продукцијата на претстави и очекувам дека во следниот период ќе се продолжи во тој правец при што покрај претстави на албански јазик во редовниот репертоар ќе бидат застапени и дела на македонски јазик. Тука веќе имаме 49 вработени од кои 29 се актери и ние ќе продолжиме со нашата поддршка за зголемување на стручниот кадар – актери, сценаристи, драматурзи и други како што правиме и со другите театри во земјата, истакна Канческа Милевска.

Таа посочи дека покрај работите за новиот културно образовен центар во Тетово што се во тек и каде треба да бидат сместени театарот и библиотеката продолжуваат и инвестициите во Центарот за култура како во неговото внатрешно и надворешно уредување, така и во подобрување на сцената со вградување на нова технологија, светло и други технички можности за подобрување на сценските карактеристики.

Директорот на Тетовскиот театар Ваљмир Азири посочи дека театарот работи како целина и дека и посебната единица ќе го најде своето место во неговата работа. Во реализирањето на претствата покрај актери од тетовскиот театар учествуваат и актери од Тетар Комедија и од Драмскиот тетар од Скопје.

– Чинот на создавање и можностите за подигање на духовните вредности како идеја е важна не само за Тетово, туку и за цела Македонија, бидејќи духот нема мерлива вредност. Со оваа претстава сакаме уметноста и тетарот да ги донесеме поблиску до публиката со што и тие стануваат активни учесници во чинот на создавањето – рече режисерот Дамјан Читкушев.

Актерот Крсте Јовановски од Театар Комедија, кој учествува во претставата, смета дека со неа се даваат максимални можности да се искористат условите, техниката и сѐ друго што ги дава на располагање сцената на Центарот за култура во Тетово и дека младите актери ќе продолжат со динамиката на унапредување на Тетовскиот тетатар во следниот период.

Претставата „Чернодрински се враќа дома“ ќе биде поставена на редовниот репертоар на Тетовскиот театар, а репризите ќе бидат одржани во текот на декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top