Осигурителната групација „Триглав“ денеска соопшти дека во првите девет месеци од оваа година во споредба со минатата година е остварен пораст од четири проценти на брутополисираната премија од осигурување, што изнесува 718,3 милиони евра.
– Групацијата „Триглав“, која и во 2015 година се фокусираше на основната дејност – осигурување, првите девет месеци од оваа година ги заврши со добивка пред оданочување од 94,9 милиони евра, што е за шест проценти повеќе од истиот период минатата година. Подобрен е и комбинираниот количник, кој изнесува 91,7 проценти – се вели во соопштението.
„Триглав Осигурување Скопје“, како дел од групацијата „Триглав“, заклучно со третиот квартал од 2015 година, според соопштението, обезбеди брутополисирана премија од 1.021.366.071 денари, што претставува раст од 14,4 проценти, споредено со истиот период минатата година.
Во Словенија, Заваровалница Триглав во однос на првите девет месеци од минатата година е обезбедена приближно иста брутополисирана премија од осигурување (463,2 милиони евра).
– Премијата на Триглав Здравствена Заваровалница е повисока за процент. Во останатите пет држави од регионот Адриа, во кои работи групацијата „Триглав“, сите зависни осигурителни друштва ја зголемија премијата во споредба со истиот период лани. Најголем пораст на премијата од осигурување и тоа од 30 проценти е реализиран на српскиот пазар, додека пак во Македонија премијата е повисока за 14,4 проценти, во Црна Гора за девет проценти и во Хрватска за седум проценти. На пазарот на Босна и Херцеговина, сараевското осигурително друштво оствари раст на премијата од девет проценти, а друштвото од Бања Лука за осум проценти – соопшти групацијата „Триглав“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.