| четврток, 6 декември 2018 |

Полска потенцијално голем економски партнер на Македонија

соработ

Унапредување на трговската размена и воспоставување цврста, долгорочна економска соработка преку директни контакти меѓу компаниите, е целта на новоформираниот Македонско-полски бизнис клуб, кој беше промовиран денеска во Стопанската комора на Македонија.

Како што беше речено, Полска може да биде одличен партнер на Македонија. Моментно е една од најбрзорастечките економии во Централна Европа и претставува голем пазар со 40 милиони жители. Во нејзината структура доминираат малите и средните претпријатија, а нуди производи кои кај нас ги нема.

Голем е потенцијалот за соработка во земјоделството, транспортната опрема, репроматеријалите, електро-машинската и хемиската индустрија.

– Иницијативата за формирање бизнис-клуб доаѓа во одлично време, кога односите меѓу двете земји во сите сфери се на високо, завидно ниво. Но, има уште многу да се сработи во делот на економијата на што укажува и податокот дека Полска е 22. трговски партнер на Македонија. Добриот момент треба да се искористи за да се подобри ваквата статистика- истакна полскиот амбасадор во земјава, Јацек Мултановски.

Според него, интерес кај полските компании за инвестирање во Македонија постои, но тие немаат доволно и комплетни информации и затоа, во овој сегмент треба повеќе да се работи.

Мултановски смета дека за значително подобрување на стопанската соработка може да придонесе воведувањето директна авионска линија Скопје – Варшава.

– Полска последниве години ја нарекуваат економски тигар на Европа со оглед на тоа дека е една од најбрзорастечките економии. Има развиена индустрија, особено автомобилска, интензивно производство на електро-опрема, автобуси, хеликоптери, воена и транспортна опрема… Како дел од европскиот пазар, претставува добра можност за настап на македонските компании во трети земји, но и своевиден мост кон Русија – посочи претседателот на Македонско-полскиот бизнис клуб, Горан Антевски, додавајќи дека Полска воедно е ценовно многу поповолна од други земји со кои соработува Македонија.

Соработката изминатите две години е подобрена, додаде Антевски, но е далеку од нивото за кое има потенцијал.

Размената меѓу Македонија и Полска во последните девет месеци од годинава е 88,13 милиони долари од кои 20,4 милиони се извоз, а 68 милиони увоз. Негативниот трговски биланс е 48 милиони долари.

Полска се очекува да се приклучи во еврозоната пред 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top