| четврток, 6 декември 2018 |

Уште една џихадистичка група од Мали ја презеде одговорноста за атентатот во хотелот во Бамако

Уште една џихадистичка група, која е активна во централниот дел на Мали, синоќа презеде одговорност за крвавиот атентат од петокот во хотелот „Радисон блу” во Бамако и соопшти дека освен двајцата убиени атентатори, тројца други успеале да избегаат, пренесоа француските медиуми.

mali

Паралелно со групата „Ал Мурабитун“ на Алжирецот Мохтар Белмохтар, и оваа група синоќа преку аудиоснимка на арапски јазик, што беше емитувана на телевизијата „Ал Џазира“ и од еден мавритански сајт, ја презеде одговорноста за нападот .

Групата „Ал Мурабитун“ соопшти дека во нападот учествувале двајца Малијци.

„Фронтот за ослободување на Масина (ФОМ) ја презема одговорноста за нападот врз хотелот „Радисон“ во Бамако, во содејство на Ансар Дин (џихадистичка група од Северот), се наведува во коминикето испратено до дописништвата на француските медиуми во Бамако и потпишано од портпаролот на ФОМ, Али Хама.

Групата на радикалниот лидер, проповедникот Амаду Куфа, е активна од почетокот на годината, забележаа  француските медиуми.

„Овој напад е реакција на нападите на француските војници врз силите на Фронтот и на Ансар Дин, изведувани со помош на малиската армија и на некои западни земји“, се наведува во коминикето.

Портпаролот даде детали за нападот врз  хотелот, во кој загинаа 19 негови гости и малиски жандарми и беа убиени и двајца напаѓачи. Во коминикето се тврди дека нападот е извршен од петмина напаѓачи, од кои тројца останале неповредени.

„Способни сме да удриме во секој момент“, соопштија од ФОМ и ветија дека ќе ги зголемат нападите врз економските, политичките и врз туристичките објекти, пред да ја заземат цела Масина (регион во централен Мали) и во него да воведат шеријат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top