Македонија последниве години во континуитет го зголемува органското производство. Владините политики во овој сегмент и проектираната дополнителна поддршка даваат резултат, беше речено на Фестивалот на органска храна што под мотото „Вкусот на минатото, сегашноста и иднината“ се одржува денеска на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).
Но, не само што е зголемено производството, беше посочено дека полека се менуваат и навиките на потрошувачите, нивниот вкус. Тие се повеќе бараат и знаат да препознаат домашни, органски земјоделски производи.
– Фестивалот е уште една потврда дека храната е грижа на сите нас и дека органското и традиционалното производство имаат иднина во Република Македонија – истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски во воведното обраќање.
Посебно радува фактот, рече Поповски, што годинашното есенско издание на Фестивалот се одржува токму на Меѓународниот ден на децата 20 ноември.
– Токму децата денес се носители на голем број активности во промоцијата на органското производство и здравиот начин на живеење, а тоа бара од сите нас како граѓани, институции на системот, науката, но, пред се и како родители, максимален ангажман за обезбедување на нивната здрава иднина. Верувам дека во нив е моќта кај секој од нас да ги променат навиките во исхраната, да не вратат кон природата, кон традицијата, кон органската храна, зошто по неа сме и треба да останеме препознатливи во светот – посочи директорот Поповски.
Според деканот на ФЗНХ Драги Димитриевски, македонските граѓани треба да бидат спокојни дека кога купуваат органска храна тоа и навистина го добиваат.
– Регулативите во овој сегмент се усогласени со европските, а Македонија постојано работи и на надградба на капацитетите на институциите. Верувам во контролите што ги вршат инспекциските служби кои досега покажаа дека нема отстапување, дека она што е декларирано како органско е и навистина такво, ги исполнува условите- напомена Димитриевски.
Почнувајќи од 2001 година, Факултетот, рече деканот, ја востанови студиската програма за еко земјоделство, вклучувајќи го тука и органското кое базира на заштита на животната средина и на производство на безбедна храна. Тоа е воедно и основа за развој на руралните средини.
Фестивалот на органска храна од оваа година добива поддршка и од Градот Скопје. Како што нагласи претставникот од Градот Слободан Ќосев, поддршката ќе продолжи со оглед дека интенциите се манифестацијата да прерасне во традиционална.
На Фестивалот присуствуваа преку 20 компании и производители на органски производи, а посебен акцент е ставен на младата популација која преку едукативно-креативен пристап има можност да добие повеќе информации за здравиот начин на живеење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



