Kомпанијата „Пакомак“, која е прв и најголем колективен постапувач со отпад од пакување и единствена која ги остварува националните цели четири години по ред, доби продолжение од пет години на дозволата за работа од надлежното Министерство за животна средина.
Од „Пакомак“ истакнуваат дека ова е резултат на активностите што беа реализирани во изминативе години, пред се на инвестициите во инфраструктура, односно поставување контејнери и канти за собирање отпад од пакување, како и на многубројните едукативни кампањи.
„Пакомак“ има склучено договори со 38 отсто од компаниите кои создаваат отпад од пакување и има договори со 16 општини за организирано собирање на отпад од пакување.
-За пет години се собраа и се преработија над 49.000 тони амбалажен отпад од: хартија, пластика, стакло, кое досега никој не го собираше, како и композит, метал и дрво. Националните цели за собран и рециклиран отпад од пакување се зголемуваат од година на година, така што за следниве 5 години очекуваме оваа бројка да биде најмалку двојно зголемена – велат од компанијата, која е основана од 11 водечки производствени компании во Македонија, кои годишно создаваат 42.008 тони амбалажа.
Додаваат дека нивна крајна цел е намалување на дивите депонии и рециклирање на над 60 отсто од амбалажниот материјал и негово енергетско искористување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.