Соодносот од 9 милиони евра, кои државата им ги нуди на сите медиуми во Македонија, наспрема 20 милиони евра, од амбасади и странски фондации, кои влегуваат само во некои медиуми за една година е несразмерен и создава нелојална конкуренција, вели Слаѓана Димишкова, претседателка на новинарското здружение Македонска асоцијација на новинари (МАН) за Дневник.
Оттука предлогот на МАН е дека ако има ограничување на финансирањето на медиумите со буџетски пари, за да нема нелојална конкуренција меѓу медиумите, истото треба да важи и за кампањите финансирани од меѓународните фондации, амбасадите во Македонија и невладините здруженија. Димишкова вели дека тврдењето за несразмерниот однос на буџетски и странски пари што влегуваат во медиумите во Македонија се базира глобална процена до која дошле за минатата година врз основа на проектите што биле понудени од амбасадите и од странските фондации.
– Средствата што од фондациите, амбасадите им се даваат на медиумите во Македонија се несразмерно поголеми и одат само за еден дел од медиумите. Минатата година имавме сооднос од 20 милиони евра исплатени од фондациите и амбасадите и 9 милиони евра од страна на државата. Средствата што се од државата одат или се понудени во сите медиуми, но не и овие што се од амбасадите. Знаеме дека таму има критериуми, но нашиот предлог е до 20 проценти да се слеваат во медиумите. На овој начин, со толкави странски средства во медиумите, се создава нелојална конкуренција – вели Димишкова.
Таа додава дека процената оти за една година се влезени 20 милиони евра странски пари во некои медиуми е збир од повиците на странски институции генерално, кои се однесувале за медиуми и активности поврзани со медиуми. На прашањето зошто не е во ред да се земаат пари од државата, а е добро кога парите легнуваат од странски фондови, Димишкова објаснува дека парите што се од странски извори или фондови се од политички извори, институции што имаат цел создавање политички промени согласно нивни интереси што не е тајна, ниту спорно.
– Примателите на тие пари треба да ги исполнат политичките цели на оние што ги плаќаат и воопшто не мора да постои совпаѓање на домашниот и странскиот политички интерес. Според законите во САД, странски пари по која било основа дадени во медиуми и невладини организации се сметаат за сомнителни пари и подлежат под посебна контрола на нивната финансова полиција и даночните институции, а примателот на странски пари на јасен и виден начин назначува дека е финансиран однадвор и наведува и за кои цели. Притоа угледот и авторитетот на медиумите и невладините во САД што примиле странски пари е далеку помал во јавноста и често пати сомнителен, вели Димишкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.