| четврток, 6 декември 2018 |

Добитникот на „Сребрена мечка“ од Берлин „Аферим“ вечерва на „Синедејс“

Филмот „Аферим“ на Раду Јуде кој освои неколку награди меѓу кои и „Сребрена мечка“ на Берлинскиот меѓународен филмкси фестивал вечерва е на програмата на „Синедејс“ во скопското кино „Милениум“ во 20 часот.

178d6a79-967e-4f6c-80b9-8998272dcb2f

Освен „Аферим“ на програмата е и „Коза“ на Иван Островски (кино „Фросина“, 19 часот), работилницата со Сали Салији на тема „Филмската уметност и консумеристичкото и концерт на SUUNS &Jerusalem In My Heart.

Кино Милениум

20:00

„АФЕРИМ!“

Режија: Раду Јуде

Раду Јуде со филмот „Аферим“ освои неколку награди меѓу кои и наградата „Сребрена мечка“ на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал. Филмот е посветен на ропството на Ромите кое во Романија траело од 14 па се до средината на 19ти век, речиси непознат факт во јавноста до денес, иако и понатаму влијае врз општествениот живот во земјата. Филмот се случува на почетокот на 19 век во Влашка, каде еден локален полицаец, Костандин, е најмен од страна на болјаринот (локална благородничка титула) Јордаче, за да го најде Карфин, робот Ром, кој побегнал од имотот на болјаринот откако имал љубовна врска со неговата сопруга, Султана. Костандин тргнува во потрага по бегалецот, почнувајќи патешествие полно авантури.

22:00

„ЉУБОВ“ (18+)

Режија: Гаспар Ное (Gaspar Noé) 

Први јануари, рано наутро. Ѕвони телефонот. Марфи се буди крај неговата млада сопруга и двегодишното дете. Ја слуша пораката: мајката на Електра е многу загрижена и сака да знае дали се чул со ќерка ѝ. Електра ја нема веќе подолго време. Таа стравува дека можеби ѝ се случило нешто навистина лошо.
Во текот на еден долг дождлив ден, Марфи е сам во својот стан и се потсетува на љубовта на својот живот, двете години минати со Електра. Силна страст полна со ветувања, игри, испади и грешки… 

Кино Фросина

12:00

„АВР“

Филмот „АВР“ е дел од ревијата посветена на Миграциите и е приказна за едно момче кое од Африка со товарен брод пристигнува во пристаништниот град Авр. Таму, еден постар чистач на чевли се сожалува со него и го прифаќа во својот дом.

19:00

„КОЗА“

Режија: Иван Островски

Филмот „Коза“ веќе освои бројни награди на повеќе меѓународни фестивали и во трка за награда во официјална селекција на Синедејс . Петер „Коза“ Балаш е поранешен олимписки боксер. Тој и неговата девојка Миша живеат во една трошна зграда и едвај врзуваат крај со крај. Миша дознава дека е бремена и решава да ја прекине бременоста. Таа го притиска Коза да најде пари за абортусот. Коза, којшто подолго време нема тренирано, повторно се враќа во рингот, во надеж дека ќе ги заработи парите што очајно му се потребни, а со тоа можеби и ќе успее да ја премисли Миша. Заедно со својот менаџер Звонко, Коза заминува на „турнеја“, каде што успехот не се мери во победите, туку во тоа колку повеќе удари може да издржи.

21:00

„ПРЕСТАПНИЦИТЕ“

Режија: Хелн Вол

Филмот „Престапиците“ е дел од официјалната селекција на фестивалот и е приказна за тинејџерката Шели и нејзините браќа кои завршуваат во рацете на социјалните служби откако ќе сведочат против насилниот татко.  На возраст кога другите девојчиња најчесто се занимаваат со момчиња, Шели мора да се грижи за своето дисфукнционално семејство коешто живее на еден трошен имот во напуштениот дел од градот. За неа, единствено бегство од мрачниот живот е неочекуваното пријателство со богатата Рејчел и подеднакво неочекуваната заштита од страна на еден локален лихвар, кој сака да му помогне на семејството.
Но ниту еден од нив не ѝ нуди бесплатно пријателство и нивните средби ќе доведат до последици. Визуелно софистицираниот филм го прикажува животот на дното од каде што речиси и не постојат шанси за бегство и ја истражува урбаната пустелија на општеството во распаѓање, каде што сѐ си има своја цена.

Џебно кино

18:00

„ПРИВИДЕНИЕ“

Филмот е дел од ревијата ирански филмови и е приказна за еден пијан, груб генерал ги измачува сопругата и слугинката. Кога жената открива дека сопругот и слугинката имаат афера, ја брка слугинката од куќата, без да знае дека младата жена е бремена со дете од генералот. Години подоцна, генералот е мртов, а младата генерација расте со нов поглед на животот и се соочува со нови проблеми…

20:00

„ДЕНОВИ НА САЛАТАТА: ЕДНА ДЕКАДА ПАНК ВО ВАШИНГТОН (1980-90)“

Salad Days: A Decade of Punk in Washington, DC (1980-90) е музичи документарец кој дава преглед на раната DIY панк сцена во главниот град на САД. Тоа беше деценија кога повеќе влијателни пионери како Bad Brains, Minor Threat, Government Issue, Scream, Void, Faith, Rites of Spring, Marginal Man, Fugazi издаваат свои изданија и организираат свои концерти далеку од стегите на големите издавачи или од критичноста на традиционалните медиуми. Така, тоа претставуваше културолошка пресвртница што претходеше на бумот на алтернативата во 90-тите (и на нејзината пропаст потоа). Триесет години подоцна оригиналниот DIY панк дух на главниот град и понатаму служи за да нè потсети на надежната младина, на моќта на една заедница и на цврстината на убедувањето.

22:00

„ГНЕВОТ НА ПАЗОЛИНИ“

Режија: Паоло Пазолини, Џузепе Бертолучи

Овој филм е обид да се направи реконструкција на целосната верзија на филмот „Гнев“ на Пазолини и е дел од ревијата филмови посветени на големиот италијански режисер.

Придружна програма

12:00 | Џебно кино

ПРЕДАВАЊЕ:Сали Салији – Филмската уметност и консумеристичкото општество (или кој кого консумира)

Филмската уметност и консумеристичкото општество (или кој кого консумира)
„Телото“ за прв пат станува значајна истражувачка тема во социологијата во раните 80-ти години. Во тие години, беа снимени многу популарни филмови каде што телото игра значајна улога, како „Истребувач“ (Blade Runner), „Терминатор“ (Terminator), „Робокап“ (Robocop), „Телесна страст“ (Body Heat); „Основен инстинкт“ (Basic Instinct), „Boxing Helena“, Матрикс (Matrix), „eXistenZ“, „Симона“ (S1m0ne), „Кога јагнињата ќе стивнат“ (Silence of the Lambs), „Седум“ (Se7en), „Боречки клуб“ (Fight Club), но и во подоцнежните години, филмови како „Пасија“ (The Passion of the Christ). Во контекстот на консумеристичкото општество, постои совршена поврзаност помеѓу „телото“ што е предмет на интерес на социологијата и „телото“ што е претставено во филмската уметност. Иако постојат квалитативни разлики во однос на кинематографската нарација и во однос на содржината помеѓу гореспоменатите филмови и други со слични теми, најчеста заедничка точка е тоа што „телото“ што е производ на консумеристичкото општество е презентирано на најразличен начин. Така, имаме можност да ги погледнеме историските податоци за „телото“ на Западот, и како резултат на ова да го споредиме со „телото“ што е поврзано со консумеристичкото општество и со „телото“ во минатото. Со оглед на тоа што темата што се истражува во оваа теза е „телото“ во контекст на консумеристичкото општество, го ограничуваме полето на истражувањето на западните општества. Главната причина за ова е што консумеристичкото општество е појава што ги опфаќа западните општества. И „телото“ што е претставено низ филмската уметност беше создадено од самото консумеристичко општество, така што тоа било во функција и како посредник на консумеристичкото општество. Различните фигуративни презентации на „телото“ во филмската уметност не го менуваат заклучокот. Според тоа, „телото“ што ние го разгледуваме во контекст на консумеристичкото општество во филмот најчесто е создадено од страна на системот и оттука, тоа им служи на интересите на системот.

Сали Салији
Роден е во 1972 во село Баница, Гостиварско. Основно и средно училиште завршил во Пријепоље, Србија. Во 90-тите години запишува право во Сараево, но поради војната ги напушта студиите. Од 1992 до 1994 продолжува да студира право во Скопје. Во 1994 година запишува филмска режија на Факултетот за уметности во Измир, при Универзитетот Докуз Ејлул. Во 1999 г. станува асистент на Катедрата за Филмска режија. Магистрира на тема: „Односот меѓу менталитетот и филмот во бивша Југославија“. Докторира во 2007 на тема: „Презентација на човечкото тело во филмот, во времето на потрошувачко општество (од 1980 до денес)“. Од 2008 е редовен професор на Катедрата за Филмска режија. Предава: Филмска режија, Филмски жанр и поставување на сцена, Видеоарт, Експериментален филм, Дигитална култура и Источноевропски филм.
Во својата академска кариера режирал театарски претстави, краткометражни филмови, документарни филмови, рекламни филмови и спотови. Координатор е и член на управниот одбор на Меѓународниот фестивал во Измир и Измирскиот медитерански филмски фестивал.

Музичка програма

22:30 | МКЦ

SUUNS & Jerusalem In My Heart

Почнувајќи ја нивната заедничка приказна во ноември 2012 година, Suuns (Ben Shemie, Liam O’Neill, Max Henry и Joseph Yarmush) и нивниот долгогодишен пријател Radwan Ghazi Moumneh (Jerusalem In My Heart ) изнајмуваат студио на една недела. Идејата била заедно да работат на груби скици за песни и да снимат што е можно повеќе материјал без каква било селекција. Сесијата била успешна, од неа произлегуваат повеќе високоенергични песни збогатени со тешки аналогни синтисајзери, арапски влијанија и електронски сензибилитет.
По ова, снимките долго ќе останат во фиока.

И двата бенда издаваат индивидуални албуми и почнуваат да одат на турнеи. Помеѓу турнеите успеваат да одвојат малку време за доработување на материјалот, но сепак поминува цела година пред песните да стигнат до публиката. Овој заеднички бенд свиреше на фестивалот Pop Montreal 2013, а потоа повторно имаа концерт во март следната година.

И тогаш проектот фаќа залет. Бендот ги преснимува и ги преработува песните во летото 2014 г. и конечно, додека се на турнеја во октомври, ги преснимуваат вокалите и го завршуваат миксањето. Radwan Ghazi Moumneh од Jerusalem In My Heart ги компонираше песните и ги миксаше повеќето, додека и Max Henry од Suuns работеше на дел од миксањето.

Настапите се главно перформанси при што материјалот не се свири секојпат исто, нота по нота, туку повеќе се насочуваат кон пресоздавање на возбудата од првобитните студиски сесии.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top