| четврток, 6 декември 2018 |

Мајк Зафировски: Помагаме Македонија да стане посилна нација

мајк

„Македонија 2025“ оваа недела го организира третиот економски самит што ќе се одржи во Скопје. Врвни претприемачи, бизнисмени и аналитичари ќе дебатираат за економскиот развој, но и за напредокот на Македонија. Eден од основачите на оваа организација e Мајк Зафировски, кој гостуваше во дневникот на МРТВ.

Пред неколку недели „Македонија 2025“ ја објави стратегијата за развој, мерена низ периодит 2005-та, 2015-та, 2025-та. Кој е фокусот?

Пред сѐ да кажам колку ми е мило што сум во Скопје, убаво е да се биде дома, а уште подобро е кога имате шанса да станете наутро и да се качите на Водно, како што направив утрово. Убаво е да се биде овде.

Прво кусо објаснување за „Македонија 2025“. Од осмислувањето во 2007-ма, нашите цели се да помогнеме во изградба на посилна нација. Политички сме неврзани, независни сме, самофинансирани и нашата амбиција секогаш била да направиме се што можеме за да и помогнеме на Македонија да стане посилна нација. Тоа е добро за граѓаните, но силна, стабилна и демократска Македонија е добра за регионот и добра за светот. Акцентот во изминатите 7 години беше на економскиот развој и привлекувањето странски инвестиции. Втор акцент беше ангажираноста на дијаспората во земјава, а трет образованието, развојот на лидерството. Горди сме што имаме 250 студенти во програмата, минатиот месец одвоивме милион долари за фондот за образование и се надеваме на дополнителни инвестиции во развојот на лидерството во земјава.

Тоа беше во минатото, трите главни области. Очекуваме да ја зголемиме вклученоста во „Македонија 2025“, ова стана проактивен тинк- тенк. Две дополнителни цели се промоција на идеалите транспарентна, инклузивна и демократска Македонија. Последното што го споменавте е гласноговорници за земјата. Луѓето не прашуваат: „Што подразбирате под посилна нација?“ Така, издвоивме 12 цели, економски и неекономски, кои го мерат квалитетот на живот и измеривме каде сакаме да биде земјата во 2025-та. Постигнавме значителен напредок во многу од тие области и поставивме цели кон кои сметаме дека ќе биде добро да тежнеат компаниите, граѓаните и владата на  Македонија. БДП по глава на жител, невработеноста, но и леснотијата на водењето бизнис, корупцијата, демократската слобода. Сметаме дека имаме добар темел и ги охрабрувам вашите гледачи да ги следат интернет страниците на кои го објаснуваме тоа.

Која ќе биде главната порака што ќе ја испртите на овој трет економски самит?

Самитот ги поддржува идеалите и приоритетите на „Македонија 2025“ и ако можам да го сумирам, тоа е инспирација и визија за иднината и поврзување на многу луѓе. Имаме исклучителни лидери од бизнис секторот, од владата, претприемачите… тие се овде да ги споделат искуствата. Поминавме долг пат во изминатите 10 години, плус изминатите 20 години од независноста, но сметаме дека има начин како да напредува земјава. Среќни сме што ги имаме тие одлични луѓе кои ќе го споделат наученото и своите искуства. Задоволство е да се види колку луѓе сакаат Македонија да биде успешна.

Звучни имиња ќе дојдат на овој економски самит. Какви ефекти конкретно очекувате?

Очекуваме меки придобивки, луѓето да се мотивираат, да се инспирираат, мислиме дека тоа ќе има значаен ефект на поттурнување и промена на статус квото. Има и практичен пример, имаме осум одлични панели кои сметам дека се применливи во актуелната ситуација во Македонија. На некои од панелите очекуваме да имаме  дебати што функционира, а што не, какви се целокупниот статус и предизвиците во Југоисточна Европа. Исто така и теми за тоа како да се трансформира културата, како старт- апите да израснат во успешни бизниси, кои се трансформативните бизнис можности и можностите за регионален центар во земјава.

Се радувам и поради мојот добар пријател, Хери Крејмер од „Келог“, најпопуларниот професор во „Келог“, најпопуларното бизнис училиште во светот, кој ќе одржи предавање за вредностите на лидерството, како да бидете успешни, но да имате етика, интегритет и лидерство со високи аспирации. Ќе дојдат многу значајни луѓе и мислам дека  учесниците, не само што ќе бидат инспирирани, туку и ќе добијат 2-3 идеи што можат да ги применат на работното место или во приватните животи.

„Македонија 2025“ не само што е партнер на земјава, туку е и лобист за носење странски инвестиции. Колку организацијата чиј основач сте вие, помогна околу новите инвестиции кај нас?

Ние сме неплатени амбасадори на земјава, политички неврзани, секогаш ја поддржуваме земјава, помагаме да се отворат врати за нови инвестиции, понекогаш бараат препораки од нас, а обезбедуваме и водство и отвораме врати кон други земји за да видиме што нудат за привлекување инвестиции и за раст на економијата. Ние сме врска со дијаспората, не само за да посвети време и знаење, туку и да инвестира во земјава. Многу се гордеам со нашата образовна програма. Обучивме 250 професионалци и со дополнителните фондови очекуваме да обучиме 1.000 професионалци и претприемачи во наредните 10 години. Сето тоа е за промоција на Македонија, да биде повидлива, но и силно лобирање во ЕУ или конкретно кај владата на САД.

Почесен говорник на овој самит ќе биде поранешниот премиер на Грузија. Тој ќе го објасни нивниот модел за брзо растечка економија. Може да се рече дека Македонија е економски лидер во регионот, но може ли да го следи примерот на Грузија?

Се радувам што ќе присуствува поранешниот премиер на Грузија. Грузија има направено одлични работи. Тој беше овде веќе два пати, како дел од нашето споделување на искуства за привлекување странски инвестиции. Беа толку импресионирани од владата, што веќе два пати се сретнавме со премиерот на Грузија за да ги размениме искуствата. Тоа е една од главните цели на самитот. На пример, поминав 25 години со „Џенерал Електрик“ и Џек Велч, и многу луѓе мислеа дека е најдобрата компанија на светот, но не би ми поверувале колку време потрошивме мислејќи кој работи подобро од нас. Ќе се дружиме со најдобрата компанија во светот, трошиме непропорционално време за да научиме подобри искуства и како да ги донесеме во земјава. Дали е тоа од премиерот на Грузија или од претприемачи од Германија или од Македонија, или паметни технологии од Словенија или Хрватска, од овој самит очекувам да го отстрани тоа што го нарекувам „синдром на глуво уво“, луѓето да ги отворат мислите кон тоа како да станат подобри индивидуи, подобри бизнис лидери, подобри претприемачи, подобри владини функционери. Тоа е духот на самитот, ги охрабрувам луѓето да дојдат и да слушнат.

Како последен коментар за „Македонија 2025“- институциите во земјава не се многу стари, па не е природно институциите да дојдат и да и помогнат на земјата да стане посилна. Не сме совршени, далеку од тоа, но гледачите нека бидат сигурни дека и ние бараме начин како да станеме подобри. Затоа ќе продолжиме како до сега, бидејќи како гласноговорници или тинк- тенк ќе идеме од корист за граѓаните и за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top