| четврток, 6 декември 2018 |

Калиесвари Сринивасан, актерка: Одијар е малку луд

Филмот е снимен во предрадие на Париз во кое живеат најголем број доселеници кои се најмалку интегрирани во француското опшстетво. ­ Кризата со бегалците не е нова, се случувала отсекогаш во поголемиот дел од светот. И сега велиме дека треба да се соочиме со кризата. Оваа т.н. свесност или реакција на светот, се надевам нема да спласне толку ненадејно како што се појави, вели Сринивасан

Калиесвари Сринивасан, индиската актерка која ја толкува една од главните улоги во филмот „Дипан“ на францускиот режисер Жак Одијар,годинашниот добитник на Златната плама во Кан, е гостинка на Фестивалот за европски филм „Синедејс“ кој трае во Скопје до 21 нормври.

„Дипан“ вчеравечер беше прикажан во Гала­ програмата. Темата во филмот е интегрирање на бегалци од Шри Ланка во Европа за време на Граѓанската војна во таа азиска земја. Насловниот лик (Дипан), кој го игра актерот Јесутхасан Антонитхасан, е припадник на Тамилските тигри, успева да побегне и доаѓа во Франција за да добие азил. Работи како чувар на станбен блок во париско предградие, а во потрагата по подобар живот стекнува ново семејство.

132900200

 

– Годијар е малку луд. Тешко е да се работи со него, но е многу убаво. Тој создава постојано, но односот не му е фиксен кон актерите, се е флуидно. Тој сака да сме дел од креативниот процес. Имавме голема слобода и целата работа е заедничка. Филмот е нов медиум за мене, ова беше моја прва улога во долгометражен филм. Имав многу помош од Жак и од главниот актер, но сметам дека искуството во театарот ми помогна да ја создадам улогата – изјави Сринивасан.

Актерката признава дека улогата ја добила сосема спонтано од кастинг-директорот Филипе Елкуби.

– Тоа беше мојата прва аудиција за игран филм, па беше природно да имам трема и да бидам исплашена од тоа што ја добив улогата. Но, за среќа, сѐ беше како што треба – вели Сринивасан.

За нејзиниот карактер што го толкува, Јалини, вели дека може да биде секоја обична жена, но она што ја прави специфична е тоа што преживеала војна.

– Тоа неа ја прави комплексна и слоевита во карактерот, што е тешко секој лесно да го препознае или да се внесе во нејзиниот карактер – вели Сринивасан.

По добивањето на Златната палма, рече таа, повеќе ја познаваат во нејзината земја, но не е како што очекуваат луѓето дека телефонот непрекинато ќе и ѕвони за нови понуди за филм. Поради актуелноста на темата со мигрантите, Сринивасан беше прашана за мислење како Европа се соочува со бегалската криза.

– Филмот е снимен во предрадие на Париз во кое живеат најголем број доселеници кои се најмалку интегрирани во француското опшстетво. ­ Кризата со бегалците не е нова, се случувала отсекогаш во поголемиот дел од светот. И сега велиме дека треба да се соочиме со кризата. Оваа т.н. свесност или реакција на светот, се надевам нема да спласне толку ненадејно како што се појави. Миграции и бегалци имало и во изминатите години поради различни причини ­ војна, насилства, борба за преживување. Така што, овој феномен не е ненадеен и ако не сопре реакцијата, ако се продолжи со реагирање, може да биде спас за човештвото – рече Сринивасан.

Со одлука на организаторите на „Синедејс“, вчерашното прикажување на филмот беше бесплатно, со цел да им се оддаде почит на жртвите во последните терористички напади во Париз.

За потребите на филмот не е направен сет, туку тој е сниман во предградието Пуаси, кое деновиве е актуелно по терористичките напади во Париз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top