| четврток, 6 декември 2018 |

Конзервната индустрија бележи рекордно производство

инду

Македонската конзервна индустрија годинава бележи рекордно производство, со квалитетни производи, но треба да ја подобри технолошката опременост. Следењето на технолошкиот развој ќе ги намали трошоците и ќе ја зголеми профитабилноста на фабриките.

Новини во технологијата за преработка и пакување овошје и зеленчук пред домашни компании денеска презентираа денеска италијански фирми, во организација на Агенцијата за промоција на надворешната трговија при Амбасадата на Италија – ИЧЕ Скопје. За можностите за соработка се разговара и поединечни средби, а претставници на италијанските компании ќе посетат  македонски преработувачки капацитети.

– Во Македонија има се поразвиена индустрија со производи со одличен квалитет, а во Италија има развиена технологија за таа индустрија и сметаме дека е дојден моментот во Македонија да се работи  на подобрување на технолошките услови во кои можат се подобро да работат македонските фирми. Сметаме дека оваа индустрија  е многу важна бидејќи учествува со три отсто од БДП на Македонија- изјави Чинциа Бруно, директор на ИЧЕ во Скопје и во Софија.

Четирите присутни компании од Италија, потенцира Бруно, се водечки производители на технологија кои можат да ги приспособат своите производи на барањата и потребите на македонските прехранбени компании кои се уште се со мала и средна големина. – Италија е трет партнер на Македонија во извозот на прехранбени производи,  што значи дека ги цени македонските прехранбени производи, важен момент во идејата да се воспостави соработка помеѓу овие две индустрии- рече Бруно.

Според италијанскиот амбасадор во Скопје Масимо Белели, Италија е традиционално добар партнер на Македонија во сите сектори, а особено во земјоделскиот во кој има можности за уште поголема соработка.

Земјоделскиот сектор и прехрабената индустрија во Македонија, според Белели,  се одликуваат  со добар квалитет, но се уште постојат технологии и системи за преработка на прехранбени производи  кои не можат да одговарат на барањата на современите пазари.

– Овие ограничувања се среќаваат токму во македонската конзервна индустрија, понекогаш се случува  производи од јужна Македонија да не се присутни на пазарот во северните градови ако се работи за мали  дистанци или пак да не можат да се пласираат производи со подолг рок на траење, така што ние сакаме да одговориме токму на овие недостатоци или побарувања на македонската конзервна индустрија- изјави амбасадорот Белели.

Сашо Ристески, директор на Здружението на производители од преработувачката индустрија, истакна дека тоа што Македонија е корисник на средства од ИПАРД програмата дава дополнителен стимул за можност за набавка на опрема за  преработка, вклучително и опрема која потекнува од Италија.

– Начелно треба да бидеме задоволни од она што го имаат нашите компании бидејќи заедно со  опремата тие ги исполнуваат речиси сите  стандарди за безбедност и квалитет на храна, но напредокот во технологијата  вклучително и на опремата за преработувачката индустрија е непрекинат и не треба да се залажуваме дека овој  момент треба да остане и во иднина затоа што секогаш има  многу поквалитетна и попродуктивна опрема која во секој случај носи  намалување на трошоците и  подобрување на профитабилноста на домашните фирми. Треба да се следи  се што случува со цел нашите компании и во иднина да бидат рамноправни со странските компании- рече Ристовски.

За македонската преработувачка индустрија, истакна, оваа година е рекордна во однос на производството за разлика од минатата. Климатските услови беа одлични, имаше доволно суровина и тука и во регионот и мислам дека ќе имаме рекордно производство поголоемо од кога било досега, рече Ристовски.

Во Македонија има над 40 активни капацитети за преработка на овошје и зеленчук. Над 80 проценти  од преработката на домашното овошје и зеленчук е за извоз. Главен пазар со над 50 проценти е Европската унија,  каде е најголем германскиот. Втор пазар за пласман  е Србија, како и останатите држави од регионот, а одредени количини се пласираат и во прекуокеанските држави, Австралија, Канада, САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top