Најдобриот тенисер на сите времиња Роџер Федерер ја прекина неверојатната серија на победи на првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ. Швајцарецот со изворедна игра во „О2“ арената во Лондон успеа да го победи Ноле со 2-0 (7-5, 6-2) во сетови.
Србинот влезе во овој меч со низа од 23 победи (последниот пораз го претрпе токму од Федерер во финалето во Синсинати), но и со неверојатна серија од преку три години без пораз на мечевите играни во сала (последниот претрпен од Американецот Квери на мастерсот во Париз во 2012 година), но вечерва немаше сила за да ги запре налетите на големиот ривал. Федерер со извонреден сервис не дозволи Србинот ниту за момент да се понадева на брејк во првиот сет, за потоа да ја искористи втората брејк шанса што му се укаже и да поведе со 1-0 (7-5 во гејмови). Вториот сет почна токму онака како што посакуваше швајцарскиот тенисер, со брејк и водство од 2-0, но следеше камбек на Ѓоковиќ и експресно израмнување на 2-2. Српскиот тенисер сепак не делуваше максимално фокусирано како што е тоа вообичаено случај, а Швајцарецот знаеше како да го искористи тоа, со нов брејк поведе со 5-2, добивајќи го сетот со 6-2, со тоа и стигнувајќи до големата победа.
Федерер во следното коло ќе се сретне со Кеи Нишикори, додека Ѓоковиќ за ривал ќе го има Томаш Бердих
Во терминот од 15 часот Јапонецот Нишикори славеше победа над Бердих со 2-1 (7-5, 3-6, 6-3) во сетови.
Во групата А по две кола води Федерер со две победи, пред Ѓоковиќ и Нишикори со скор 1-1, и Бердих без победа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.