Лутина, бес, но не страв! Ова е чувството кое преовладува кај Французите, само четири дена по страшните атентати кои го погодија Париз, покажуваат резултатите од анкетата за „Паризиен-Ожурдуи“.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, големо мнозинство, 57 проценти од испитаниците во анкетата изразуваат лутина, 40 отсто мака, 31 проценти солидарност.
Слична беше реакцијата и по атентатите во јануари врз „Шарли Ебдо“ и „Хипер Кашер“ во Вансен. Но тогаш на прво место се најде солидарноста со 46 отсто од испитаните.
Во испитувањето за „Фигаро“’ и РТЛ, 84 проценти од Французите се согласија да прифатат повеќе контроли и извесни ограничувања на слободите за да им се гарантира нивна поголема безбедност.
Според ова испитување 98 отсто од Французите сега ја проценуваат терористичката закана како висока.
Слично како во атентатите врз „Шарли Ебдо“ во јануари, довербата на Французите во полицијата, жандармеријата и тајната служба за борба против тероризмот е импресионирачка, бидејќи 87 проценти од испитаниците не се сомневаат во ефикасноста на безбедносните служби.
Истовремено 50 отсто од анкетираните имаат доверба во Франсоа Оланд во областа на безбедноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.