За да се разбере какви пораки ни испрати посредникот во грчко–македонскиот спор за името треба неговото писание да се чита меѓу редови, но и да се има предвид сето тоа што се случува и ќе се случува наскоро во регионот. Потегот на Метју Нимиц не е негова лична позиција и желба, неговите пораки не се само негови туку и на стратезите во Вашингтон, кои по седум години игнорирање сфатија дека Македонија надвор од НАТО е опасна не само за себе туку и за регионот и за целата ситуација на југот на Европа, таму каде што во моментов се случува една од најголемите хуманитарни и безбедносни кризи по Втората светска војна.
Звучи неверојатно дека Нимиц последниот чекор го направил независно од состојбата на терен, каде што сѐ уште нема оган, но на многу места се чувствува мирис на чад. До крајот на годината Црна Гора треба да добие покана за влез во НАТО, српскиот премиер Вучиќ се врати од Москва со договор што обезбедува силна руска воена помош и оружје што ни оддалеку не е од интерес на Северноатлантската алијанса, а Меркел во една несреќна изјава го уплаши целиот Балкан и му предвиди војна ако ЕУ и Германија решат да ги запрат маршрутите на сириските и на ирачките бегалци. И сето тоа во ситуација кога Путин е решен да го запре проширувањето на НАТО и неговото влијание во светот.
Фамозната „Линија на огнот“ презентирана од државниот секретар на САД, Кери, кој на 13 ноември патува во Атина, а пред десетина дена од таму се врати и неговата заменичка Викторија Нуланд, не е разгорена, но големи се шансите за тоа. Проруските демонстранти во Подгорица и радикални групи од Косово, кои се активни и во Македонија и во Јужна Србија, се во состојба на готовност да испровоцираат нови инциденти слични на кумановскиот или тој од Гошинце. Капак на сѐ е информацијата дека унгарските радикални националисти отвораат своја канцеларија во Војводина, а во меѓувреме Босна и Херцеговина неповратно се движи кон целосна поделба на два државни ентитета. И одеднаш токму сега е најдобар период да се реши името.
Како Нимиц дојде до „идеално време“ за решение на спорот?
Нимиц како ретко кога во својата дведецениска работа како посредник во своето интервју за „Катимерини“ кажа многу работи јавно, но не кажа зошто среде хаосот во кој се наоѓаат Македонија и сѐ уште ранливата Грција смета дека токму сега е време за решавање на спорот за името. За нас нема дилема дека најдобар период за решение на спорот беше во 2008 година, пред или за време на самитот на НАТО во Букурешт. Но и тогаш и потоа Нимиц не беше толку сигурен дека е дојден моментот за решение на кризата. Добар момент беше и во периодот 2010 – 2011 година кога грчкиот премиер Папандреу и македонскиот колега Груевски во седум наврати се среќаваа на разни настани на кои, благодарение на грчките итроштини, муабетот од половина час се сведувал на психијатриска сеанса на која Папандреу се жалел колку му е тешко без никаква шанса суштински да се навлезе во решение на спорот. И тогаш Нимиц молчеше. Се разбира, погрешно е да се обвинува американскиот дипломат за нашите маки. Објективно, тој не може да се бори со грчката надменост и со нашата желба за правдина. Тој проблем, како што видовме, не можеше да го надмине ниту поранешниот американски претседател Буш, кој на двапати во Букурешт нѐ прогласи за членки на НАТО, а нас не нѐ прифатија, што е еден од најголемите порази на американската дипломатија во последниве 100 години.
Нимиц сега тврди дека причините за итно решавање, покрај потребата од затворање на еден од најдолгите дипломатски спорови во Европа, треба да се бараат и во опасноста од бегалската криза, зголемувањето на терористичките закани во регионот, како и во економските тешкотии со кои се соочува Југоисточна Европа. Добрите познавачи на регионот веднаш ќе ви кажат дека светската финансиска криза предизвика сериозни турбуленции и на Балканот уште во 2009 година и дека опасноста од терористички напади (сетете се на 2001 година, Бродец, Кондово, Бургас и ред инциденти на Косово и во Грција) постојано е присутна уште од паѓањето на режимот на Милошевиќ. Дури и проблемот со бегалците не е нов , во едно интервју со сегашниот македонски амбасадор во Ватикан, професорот Ѕвонимир Јанкулоовски, во 2011 година, тој јасно укажа на ова што сега се случува на потегот Турција – Грција – Македонија – Србија. Но тогаш тоа не беше проблем за западот ниту причина за решавање на името. Нејсе, и покрај неговите проѕирни (некои дури и перфидни) финти што се забележуваат во интервјуто со грчките новинари останува да веруваме дека Нимиц нема лоши намери, но останува горчината дека со својата оценка кога е најдобро да се реши името ја занемарува неправдата што ја живеат сите македонски граѓани веќе седум години, од Букурешт наваму. Од тие работи што можат да се видат јавно, Нимиц е во право само за една. Тоа е многу подобрата ситуација за грчкиот премиер Ципрас, кој со вторите избори за нецели девет месеци ја бетонираше својата позиција на неприкосновен лидер, кој може да си дозволи реален компромис со Македонија, која, патем, му е потребна како партнер во премрежињата што го очекуваат регионот.
Што, всушност, ни кажа Нимиц?
Според Нимиц, конечното решение за името треба да го содржи терминот „Македонија“, но, исто така и „разумна одредница“ односно географска одредница. Практично, посредникот ја враќа во игра позицијата на ЕУ од 1991 година, кога на својот самит во Лисабон Унијата ни забрани да го користиме зборот „Македонија“ во името. Набрзо потоа на самитот во Единбург ЕУ сфати дека тоа е една од најголемите глупости што ја направиле европските функционери и се откажа од позицијата, која сега, по две и пол децении, Нимиц ја користи како некаков модел за рамнотежа меѓу позициите на двете држави. Да се поистоветат правото на една држава да користи име што се користело отсекогаш со желбата на друга држава да се наметне наводна „разумна географска одредница“ е голем срам на искусниот посредник, освен ако тоа не е дел од некој план, кој може да биде од корист за нас а ние во моментов не го разбираме тоа.
Понатаму Нимиц преку Атина ни порача дека мора да има договор за „секундарните аспекти на името“ како што се опсегот на употреба и преодниот период. Иако навидум со оваа реченица тој не кажува ништо ново, сепак тоа може да значи дека сѐ уште е во игра формулата „ерга омнес“, која ја застапуваат Грците, но и дека договорот за името исклучува Македонија за внатрешна употреба да го задржи името што го има во моментов. За Македонија е сосема неважно кога ќе биде променето името под кое сме примени или ќе бидеме примени во меѓународните институции, што е основна причина за преговорите, но, од друга страна, и на Нимиц му е јасно дека никој во Македонија нема никогаш да се согласи на менување на уставното име, на личните документи, пасоши или промена на јазикот и од тој аспект ова позиција на Нимиц е крајно опасна. Затоа што тој речиси отворено ни порачува дека компромисот мора да засега во индивидуалните и лични права на граѓаните, што е спротивно на сите можни светски правила.
Опасните стапици во напишаното Нимиц се обидува да ги анулира со аргументот НАТО, односно забрзан влез во алијансата, што да не е трагично, би било смешно. Крајно несериозно е за еден дипломат од рангот на Нимиц да го прикажува членството во НАТО и во ЕУ како награда за попуштање во спорот за името. Членството во НАТО Македонија го заработи со реформи, и воени и политички, и тоа во нормални услови не би смеело да биде морков или аргумент од суштинските разговори за името. Слично е и со ЕУ, позитивните извештаи за напредокот на земјата и препораките за почеток на преговори со ЕУ не смеат да бидат прикажани како причина за попуштање во преговорите со Грција туку како последица на сериозни реформи и промени во земјата, која од работ на граѓанска војна стана извор на стабилност во регионот. За жал и на Нимиц, кој не може да даде никакви гаранции за членство во евроатланските институции дури и да се најде веднаш решение, му е јасно дека условите за решавање на спорот не се нормални, пред сѐ, поради однесувањето на една од страните во спорот, која не се вика Македонија.
Ја потцени ли искусниот дипломат македонската јавност?
Во низата нелогични искази на симпатичниот посредник, кој речиси пет децении водел два билатерални спора (Македонија – Грција и Грција – Турција за Кипар) мора да се спомене и неговата психолошка анализа на македонскиот премиер, кого го промовираше во свој партнер во преговорите што ќе се случат во наредниве 15 месеци додека на чело на ОН е Бан Ки Мун и, автоматски, го прогласи за победник на следните избори во Македонија. Интересен е и гафот на Нимиц, кој бара договорот да содржи гаранции за непостоење територијални претензии. Како воопшто да не ја прочитал пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, која експлицитно кажува дека Македонија кон Грција никогаш не искажала никакви територијални претензии.
Од друга страна, кога зборува за почитување на идентитетот на луѓето што се вклучени и на кои се однесува спорот и да се почитува културното наследство на сите граѓани треба да се знае дека говори за две групи. Едната се Македонците, кои можеа да бидат жртва на грчката националистичка политика веќе 25 години, а другата се евентуалните 2,5 милиони грчки Македонци, кои не смеат да бидат жртва на каков било договор.
(Текст објавен во 166. број на неделникот Република, 6.11.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.