Ќе ги пронајдеме и ќе ги казниме, во кој и дел од светот да се сокријат. Терористите ќе сфатат дека казната што ги чека е неизбежна, изјавил рускиот претседател откако и експерти од Москва утврдиле дека патничкиот авион бил урнат од терористи. Со целосно истребување на терористите од лицето на земјата се закани рускиот претседател Владимир Путин, откако и официјално руските истражители утврдија дека патничкиот авион „ербас“, во кој загинаа повеќе од 200 Руси, бил соборен намерно од експлозивна направа однатре. Руската служба за контраразузнавање ФСБ (некогашна КГБ) соопшти дека се пронајдени траги од експлозив во авионот што се урна за време на летот од египетското одморалиште Шарм ел Шеик, кон Санкт Петербург.
Според извештајот од ФСБ, кој го пренесоа повеќе светски агенции, бомбата експлодирала во авионот, а тоа било причина за уривање на авионот на Синајскиот Полуостров. Руските разузнавачи соопштија дека причина за падот на авионот е терористички напад.
Ова е голем пресврт во истрагата и воедно во ставот на Русија кон причините за падот на авионот. Москва за цело време ја одбиваше теоријата дека се работи за намерно уривање на авионот со експлозив однатре и нагласуваше дека механичка грешка е причина за неговиот пад.
– Во текот на летот активирана е импровизирана експлозивна направа, еквивалентна на 1,5 килограм ТНТ. Поради таа експлозија авионот се распаднал во воздух, што е објаснување за распаднатите делови од авионот на поголема површина – изјавил шефот на ФСБ, Александар Бортников, пренесува телевизијата РТ.
По ова официјално соопштение, рускиот претседател изјави дека ќе бидат немилосрдни кон терористите. – Ќе ги бараме насекаде, каде и да се кријат. Ќе ги пронајдеме и ќе ги казниме, во кој и дел од светот да се сокријат. Мораме да ја засилиме нашата активност во Сирија така што терористите ќе сфатат дека казната што ги чека е неизбежна – рекол Путин категорично. Руската агенција за разузнавање распиша и награда од 50 милиони долари за какви било информации што би довеле до фаќање на организаторите на терористичкиот напад
Во нападот загинаа 224 луѓе, патници и членови на екипажот. Телата на загинатите, исто како и остатоците од авионот, беа расфрлени на поголема површина. На дел од остатоците имаше искривувања кои, според укажувања на експерти, беа потврда дека експлозијата се случила од внатрешноста на леталото.
Пилотите од авионот не пријавиле никакви проблеми во текот на летот, кој траел само 23 минути. Комуникацијата со контролата на летање била прекината одеднаш. Исто така и на едната од црните кутии, како што објавија повеќе светски агенции, можело да се чуе звук кој укажувал дека нешто се случило во
авионот, пред тој да се распадне уште во воздухот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.