Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски испрати телеграма со сочувство до францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус.
– Силно сум потресен од веста за терористичките напади во Париз и длабоко жалам за изгубените животи од овој варварски чин. Дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да упатам длабоко сочувство до фамилиите на жртвите и повредените. Нашите мисли и молитви се со вас. Вредностите на слобода, еднаквост и братство се посилни од теророт и убеден сум дека Франција ќе излезе посплотена, посилна и порешителна после овој злосторнички чин. Во овие тешки моменти, Република Македонија останува солидарна со Франција и со францускиот народ, се вели во телеграмата на Попоски.
Република Македонија, наведува Попоски, остро ги осудува и се спротивставува на секаков вид на терористички напади и стои рамо до рамо со Франција и со нашите сојузници во борбата против тероризмот, со кој сите се соочуваме.
– Нападите во Париз се напади врз целото човештво, врз мирот и слободата и врз принципите и вредностите кои ги живееме. Тероризмот не смее и нема да победи. Во овие тешки мигови, уште еднаш примете ги изразите на моето искрено сочувство, пишува Попоски во телеграмата до Фабиус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.