Македонскиот шампион ЖРК Вардар го доживеа вториот пораз во Лигата на шампионите оваа сезона и тоа повторно од Ѓер овојпат на гостински терен минимално со еден гол разлика (28-27).
Одлуката падна во последните моменти од натпреварот кога Локе успеа да погоди за победа во последната секунда.
За разлика од првиот натпревар во Скопје кога вардарки беа буквално надиграни, на гостувањето во Унгарија избраничките на Индира Кастратовиќ одиграа солиден натпревар кој можеа и да го добијат бидејќи на полувремето имаат предност од три гола (14-17).
Сепак по фантастичното прво полувреме кое може слободно да се каже беше најдобро до сега оваа сезона во Лигата на шампионите, во вториот дел унгарките со фуризни 12 минути и неверојатна серија од 7-1, успеаја да дојдат до пресврт и да го диктираат темпото. Големите грешки во нападот со дури девет загубени топки се чинеа главен проблем за вардарки, кои сепак ги консолидираа редовите и на една минута до крајот да се стигнат до нерешен резултат (27-27).
Тренерот на Ѓер побара тајмаут на 22 секунди до крајот за да ги смири своите играчки и да им ја пренесе акцијата што треба да се одигра до крај за погодок.
Следеше брутален старт на Пенезиќ за која Хрватката беше исклучена, а Унгарките го искористија последниот напад и со голот на Локе на две секунди пред крајот стигнаа до големата победа.
Радичевиќ, Дембеле и Хмирова беа најефикасни кај ЖРК Вардар со по четири погодоци, пред Дамњановиќ, Алтхаус и Пенезиќ со по три гола. Анита Горбиц и Хајди Локе беа нерешлива енигма за „црвено-црните“ со осум односно пет гола.
„Вардарки“ во последното коло од оваа фаза од ЛШ го пречекуваат Хипо, меч во кој македонскиот првак е апсолутен фаворит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.