Светските лидери во шок по нападите во Франција. Повикуваат на солидарност со земјата по низата терористички напади во кои загинаа над 150 луѓе во петокот ноќта. Сепак, во овој момент меѓународната заедница малку може да стори за Париз.
Советот за безбедност на ОН веднаш издаде соопштение во кое се осудуваат „варварските и кукавички терористички напади“ во кои напаѓачите користеле огнено оружје и бомби на неколку локации, вклучително и националниот спортски стадион и најголемата концертна сала.
Иако имаат различни ставови по низа прашања, вклучително и за војната во Сирија која уште повеќе ја разгорува Исламска држава, САД и Русија едногласно изразија поддршка за францускиот претседател Франсоа Оланд.
„Уште еднаш се соочивме со грозоморен обид да се тероризираат невини цивили“, изјави американскиот претседател Барак Обама. „Подготвени сме да им дадеме секаква помош на владата и луѓето од Франција. Оние кои мислат дека можат да ги тероризираат граѓаните на Франција или вредностите зад кои тие стојат, грешат“, рече Обама.
Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака со длабоко сочувство до Оланд и до францускиот народ по повод „ужасните терористички напади во Париз“, соопшти Кремљ. „Русија остро го осудува ова нечовечно убивање и е подготвена да и пружи секаков вид помош на Франција во врска со истрагата на овој терористички злостор“, стои во пораката.
НАТО соопшти дека стои зад Франција која е една од членките- основачи на оваа организација. Генералниот секретар Јенс Столтенберг изјави: „Длабоко сум потресен од овој уќасен терористички чин што се случи на неколку локации во Париз. Сочувствувам со семејствата на жртвите, со сите повредени и со граѓаните на Франција. Стоиме цврсто и обединето во борбата против тероризмот. Тероризмот никогаш нема да ја победи демократијата“, рече Столтенберг.
Германската канцеларка Ангела Меркел, чиј што министер за надворешни работи присуствуваше на фудбалскиот меч меѓу Франција и Германија, вечерта заедно со францускиот претседател Оланд, изјави: „Длабоко сум потресена од вестите и силите што доаѓаат од Париз. Германската влада е во комуникација со француската влада и испратена е пораката за сочувство и солидароност од германскиот народ, рече Меркел.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави: „Шокиран сум од настаните во париз вечерва. Нашите мисли и молитви се со францускиот народ. Ќе сториме се што е потребно за да помогнеме.“
Лидерите на европските институции во Брисел, кои се обидуваат да го координираат безбедносниот одговор на тероризмот уште од нападите во Париз во јануари, се приклучија кон пораките.
„Убеден сум дека властите и францускиот народ ќе го надминат овој најнов предизвик“, изјави претседателот на Европската комисија ЖанКлод Јункер.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск рече дека „ужаснат ги следи настаните во Париз“.
Во јануари, во напад на редакцијата на францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ беа убиени 12 луѓе. Заложничката драма во еден еврејски супермаркет што следуваше непосредно по овој напад одзеде уште четири животи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.