| четврток, 6 декември 2018 |

Индонезија: Се менуваат правилата за абортус

Индонезиската Асоцијација за планирање на семејството најави дека сегашните власти покажале добра волја за либерализација на сегашните прописи за добивање дозвола за абортус. Иницијативата на Асоцијацијата е поткрепена со податоци за голем број жртви меѓу жените и девојките што се обиделе да ја прекинат бременоста со помош на надрилекари и други начини.

За да добијат дозвола за прекинување на бременоста во болница, жените во Индонезија треба во комплицирана процедура да ја докажуваат оправданоста на тој чин. Дури и тие што забремениле при силување, иако добиле дозвола за абортус, не можат да бидат сигурни дека ќе ја прекинат несаканата бременост, бидејки сегашните прописи ги обврзуваат лекарите со повеќе конзилијарни мислења да ја оправдаат одлуката.

Индонезија е соочена со огромен пораст на бројот на населението. Од неполни 200 милиони жители во 1.995 година, на архипелагот со 17.300 населени острови сега има повеќе од 256 милиони. Навистина, Индонезија има доволно простор за живот и работа и на 300 милиони жители, но веќе има над 7,5 милиони невработени, од кои три петини се млади од 18 до 25 години.

Асоцијата за планирање на семејството очекува поддршка од сегашните власти, но и остро противење на влијателниот муслимански клер во државата. Од оваа Асоцијација потсетуваат дека и покрај сите грешки во спроведување на демократијата, за време на владеењето на Сухарто беше присутна практиката државните службеници да имаат многу финансиски и други бенефиции ако одлучат да имаат само едно дете во семејството. По паролата „Едно дете – доволно“ која секојдневно се појавуваше во медиумите и на рекламните паноа на улиците, со огромна фотографија на првата дама Тиен Сухарто таа остана запамтена во индонезиската јавност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top