| четврток, 6 декември 2018 |

Го менува ли Германија курсот кон приемот на бегалци

Германија ќе започне депортација на бегалците од Сирија согласно правилата на ЕУ, кои предвидуваат азилантите да се враќаат во првата земја-членка на ЕУ во која влегле и каде би требало да бараат азил.

бегалци

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, ваквата најава која дојде од германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер, а е поддржана и од министрот за финансии Вофганг Шојбле, е спротивна на досегашната позицијата на канцеларката Ангела Меркел, што може да биде почеток на сериозна криза во најсилната партија во германската владина коалиција.

Судирот во Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел, која кулминира минатата недела откако Де Мезиер без консултација со своите колеги нареди слична акција што подоцна беше спречена од канцеларката, од чиј кабинет одлуката да се лимитираат правата на бегалците беше оценета како унилатерална.

Одлуката на министерот за внатрешни работи за промена на курсот на Германија, која тој ја брани со наводна владина одлука од пред еден месец, предизвика реакции и кај партнерите на ЦДУ во Владата, кои воопшто не биле информирани за овој чекор.

Буркхард Лишка, портпарол на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), втората по голема партија во Владата, вели дека последните настани во ЦДУ се „комуникациска катастрофа“.

Збунети се и пратениците на партијата на Меркел кои според весникот „Шпигел“ за одлуката на Де Мезиер дознале од интернет за време на партиски состанок.

Според европските правила, членките на ЕУ можат бегалците да ги вратат во првата земја на Унијата во која влегле и каде што би требало да бараар азил. Германскиот Уставен суд ја исклучи Грција од ова правило, поради тоа што во земјата пристигнаа огромен број бегалци, како и поради лошата економска состојба.

Доколку новите правила станат реалност, тогаш први на удар ќе бидат Шпанија, Италија, Унгарија и Хрватска, кои се првите земји освен Грција, во кои влегуваат бегалците на патот кон Германија.

Според правилата на ЕУ, Унијата формално не може да бара враќање на бегалците во земји кои не се нејзини членки, како Македонија и Србија.

Анализите велат дека околу 3 отсто од сириските бегалци би можеле да бидат депортирани од Германија врз основа на новото правило. Главниот проблем за негово спроведување е фактот што огромен број од бегалците не е регистриран се до пристигнувањето во Германија.

Потегот на Германија прва го поздрави Австрија, чиј министер за внатрешни работи Јохана Микл Лајтнер, изјави дека тоа е сигналот „што Виена го очекувала последниве неколку недели“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top