| четврток, 6 декември 2018 |

Книжевна вечер со словенечката поетеса Лара Миховиловиќ во „Магор“

Во кафе-книжарницата „Магор“ денеска, 11-ти ноември, ќе се одржи книжевна вечер со поетесата и преведувачка Лара Миховиловиќ од Словенија.

Книжевната вечер е во рамки на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“ што ја организира издавачката куќа „Готен“ под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги „Традуки“.

Миховиловиќ, која овој месец престојува во Скопје, како преведувач од македонски на словенечки јазик, посебно соработува со најмладата генерација македонски поети и книжевници. Таа е родена 1987 година во Љубљана. Студирала на Катедра за хрватски, српски и македонски јазик, на Филозофски факултет во Љубљана. Во 2009 година била на шестмесечна студентска размена на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде што го изучувала и усовршувала македонскиот јазик и се занимавала со македонската книжевност и култура. Во 2013 учествувала на меѓународниот книжевен фестивал „Лирикон“ во Велење со избрани преводи на Катица Ќулавкова.

Преведената поезија била објавена и во списанието Балкан Експрес од Загреб и во студентско списание Славко од Љубљана. Во 2014 има преведено избрани песни на Снежана Стојчевска и Ана Голејшка со кои се запознала на поетски фестивал Младе Риме во Љубљана.

Миховиловиќ во 2014 почнува да работи како професорка по македонски јазик во школа за странски јазици, но освен тоа работи и во градинка каде што децата од Македонија ги подучува словенечки јазик. Преведува од хрватски, српски и македонски јазик на словенечки и од словенечки на хрватски јазик. Пишува поезија и кратки раскази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top