| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарско-македонскиот спор е апсурден

Германскиот дипломат и екс-амбасадор во Скопје и Софија, Клаус Шрамајер за Дојче Веле говори за бугарско-македонскиот спор, кавгите околу историјата и патот напред за двете земји.

Клаус Шрамајер е долгогодишен германски дипломат и познавач на балканскиот регион. Во периодот од 1990. до 1996. година е претставник на Германија во Софија, а од 1996. до 1999. година и германски амбасадор во Македонија. До 2011. година беше и член на претседателството на Друштвото за соработка со Југоисточна Европа. Со него разговараше Емилијан Лилов од бугарската редакција на ДВ.

ДВ: Веќе со години кавгата меѓу Македонија и Бугарија околу историски прашања ги оптоварува односите меѓу двете земји. Кој има право во овој судир и што би им советувале на двете страни?

Шрамајер: Тука не се работи за право. Кавгата околу историјата не може да се реши на ниво на правото. Не се работи ни за тоа кој има право, туку едноставно за разум. Се работи за заеднички живот на браќа по крв кои се разделиле. Токму затоа е и разделбата толку вжештена. Особено доколку имате во предвид вжештени глави како Божидар Димитров кој издава книги под наслов: „Десетте лаги на македонизмот“.

На обете страни на сцена се провинцијални тврдоглави кариеристи. Ни едните ни другите немаат државници со визија за иднината на двете земји, за регионот или за Европа.

Се работи за трауми, чувствителност, комплекс на помала вредност, накусо – невропатологија.

Можеби се работи делумно и за бугарските Сан-стефански трауми, бугарската „Мегало идеја“. Софија се’ уште се занимава со бугарскиот карактер на Македонците, кои биле одвлечени од вистинскиот пат од Коминтерната. Софија се надева дека ќе го врати ова „изгубено стадо“ на вистинскиот пат. Се’ додека постојат овие илузии и додека се слави 3. март како национален празник во Бугарија, односите нема да се подобрат.

Улога игра и ароганцијата, пред се’ од бугарска страна. По незаслужениот влез во ЕУ, односот на Софија кон Скопје е поостар и поарогантен. „Црвените линии“.

од 1944. кои ги постави министерот за надворешни работи Младенов се бизарни. Борисов го предупредува Скопје да не ја краде бугарската историја. Кој и‘ дава право на Софија да говори за историјата, како таа да има монопол врз неа? Тоа е историски шовинизам.

Точно е следното: дека постои повеќевековна заедничка историја која треба заеднички да се анализира и да се интерпретира. Но за тоа никој нема волја. Несфатливо е зошто тоа не им се остави на историчарите од обете страни? Или уште подобро, зошто не се поканат странски историчари?

ДВ: Зошто токму сега повторно се распламти овој судир?

Шрамајер: Не знам. Целата ситуација е апсурдна. Бугарија беше првата земја која ја призна независна Македонија. Од 1992. година Софија му помагаше на Скопје. Поранешниот претседател Жељу Жељев го убеди и (поранешниот руски претседател Борис, н.з.) Јелцин да ја признае Македонија, а веројатно успеа и да го осуети српско-грчкиот план за нејзина поделба. Софија потоа помагаше и за време на тешкото ембарго од Грција, се вели меѓу другото во интервјуто на Дојче Веле.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top