| четврток, 6 декември 2018 |

Червар: Мотор е фаворит, но не се предавеме се додека имаме шанса за победа

Металург ги продолжува натпреварите во Лигата на шампионите по двонеделната пауза поради репрезентативни настапи во „ЕХФ-неделата“ во невообичаен термин за македонските клубови в четврток во 17.45 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
Во Скопје доаѓа Мотор Запорожје во седмото коло, екипа која е еден од фаворитите за освојување на едно од првите две места во групата кои водат во следната рунда.
Според тренерот на металурзите Лино Червар украинската екипа е фаворит во овој дуел, но целата екипа ќе се обиде да стигне до победата и да си ги продолжи шансите за следната рунда.

metalurg-10

– Се надевам дека натпреварот в четврток ќе биде многу интересен. Мотор е фаворит, но јас верувам во овој млад состав секако и на оние поискусните дека посакауваат да дојдат до победата. Времето работи за нас и можам да кажам дека веќе на пролет во плеј-офот Металург ќе биде многу посилен и ќе биде екипа на која може да се смета многу сериозно. Во нивниот тим мора да се истакнат неколку клучни играчи кои ја држат играта. Главната опасност доаѓа од бековската линија и од позицијата пивот. Бурка, Пуховски и Шелменко се градители на играта на Мотор. Ќе играме малку поагресивно и со подлабока зона да ги нападнеме нивните високи играчи. Проблем ќе ни биде и тоа што Мотор е екипа која оди на брз ценатр со сите играчи. Тој брз центар и полуконтрата се нивното главно одружје. За нас се незгоден противник, не ни одговараат многу. Но, мислам дека со борбата, со желбата и со ентузијазмот кај нашите играчи ќе ги надополниме нашите објективни слабости. Секој меч за нас е важен и ново искуство. Ќе одиме на победа како и секогаш и нема да потклекнеме – истакна тренерот Лино Червар на прес конфренцијата пред мечот со Мотор.

Првиот натпревар на стартот од сезоната Металург го загуби на гостувањето во Украина со 30-24, но според играта воопшто не се посрамоти и со ангажирана игра може да стигне до победата во Скопје.

– Првиот меч ни беше прв во ЛШ на оваа млада екипа, игравме на гостински терен загубивме, но не се посрамотивме. Сега сме друга екипа, дојде и Давид Шпилер кој ќе ни биде од голема помош. Со една добра игра во одбрана може да се бориме за добар резултат и да докажеме дека тој пораз не е реална слика за нашиот квалитет – изјави бекот на Металург, Филип Талески.

Во составот на Металург на дуелот со Мотор ќе дебитира новото засилување, Давид Шпилер. Словенечкиот бек минатата недела потпиша договор со Металург до крајот на сезоната со можност соработката да биде продолжена и на подолг рок.

– Шпилер е подготвен и ќе може да игра, имаше повреда која е санирана или приближно санирана. За него се одлучивме затоа што ни треваше играч со такво искуство кој ќе ги разигра и ќе ги поврзе другите играчи. Таков градител на игра, кој на некој начин е продолжена рака на тренерот на терен.Ќе треба малку време да се вклопи во екипата, одржа само неколку тренинзи. Но мислам дека тоа ќе оди добро. Доаѓањето на Шпилер не го менува нашиот систем на игра. Ние и понатаму ќе ја форсираме нашата идеја на играта, а тој ќе се вклопи во она што ние го сакаме – рече Лино Червар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top