Прогрес-извештаите за напредокот на земјите од процесот на проширувањето на Европската унија во рамки на евроинтеграциите, меѓу кои и Република Македонија, вечерва ќе бидат усвоени по писмен пат во Европската комисија, а утре еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан ќе ги претстави пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, официјално не е потврдено времето кога Хан ќе ги презентира извештаите на прес-конференција во зградата “Берлемонт” на Еврокомисијата во Брисел, но се очекува тоа да го стори утре околу 14 часот.
Единствена позната официјална информација е дека Хан утре околу 9 часот наутро треба да ги претстави извештаите пред европратениците задолжени за прашања од надворешните односи на ЕП. Денеска, Еврокомисијата не сакаше да потврди дали комесарот за преговори за проширување тоа јавно ќе го стори и пред новинарите, како што е пракса секоја година. Портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас само потврди дека за вечерва е закажано одлучувањето за извештаите на ниво на шефови на кабинети на комесарите, но не потврди дали утре тие и јавно ќе бидат лиферувани.
Според информациите, Хан, сепак утре и јавно ќе ги објави извештаите, во кои до последно е непознато како ЕК ќе ја услови препораката до Европскиот совет по седми пат по ред да и додели датум за преговори за членство на Македонија во Европската унија. Неформалната Влада на Унијата очекува до вечерва македонското Собрание да ги усвои законите договорени со договорот од Пржино, со што препораката за Македонија би била полесно условена со навремено спроведување на точките од договорот, вклучително и со одржување и спроведување на предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година.
Инаку, овие прогрес-извештаи на Европската комисија, по првпат по пет години беа одложени и наместо во средината на октомври, тоа ќе се случи еден месец подоцна, како резултат на замрзнувањето на проширувањето на ЕУ за најмалку пет години, но и фокусот на бегалската криза што ја зафати Унијата и земјите од процесот на проширување, меѓу кои и Македонија и Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хан: Очекувам објаснување за азилот на Груевски, се работи за кредибилитетот на Европа!
-
АВМУ со втор извештај: Медиумите неизбалансирани за референдумот, силно наклонети кон кампањата „За“
-
Мицкоски – Хан: Евро-атлантската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во регионот
-
Хан: Имате рандеву со историјата!