| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за здравство: Бараме целосно расветлување на инцидентот

Во врска со утринските случувања на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, кога еден доктор беше повреден од огнено оружје, Министерството за здравство најостро го осудува инцидентот и ќе остане доследно во барањето на целосно расветлување на случајот од страна на надлежните институции и соодветно санкционирање согласно Закон.

Министерот за здравство веднаш по добиените информации за инцидентот, ги посети Хируршките клиники, каде што разговараше со дел од медицинскиот персонал и вработените на клиниките.

Потенцираме дека нападот врз здравствен работник при вршење на здравствената дејност е уреден како кривично дело согласно Законот за здравствена заштита, а ако при нападот е нанесена тешка телесна повреда тогаш претставува тешка форма на кривично дело за што е предвидена затворска казна во времетраење до десет години. Оваа казнена одредба е предвидена со измените на Законот од 22.01.2015 година.

Уште еднаш потенцираме дека ваквите инциденти се недозволиви во било кој здравствен систем, особено имајќи предвид дека здравствените работници во својата дејност се залагаат за спасување човечки животи. Во таа смисла, никој нема право сопствениот револт да го искажува во форма на насилство кон докторите и останатиот здравствен персонал, а уште помалку користејќи огнено оружје.

Надлежните институции ќе останат фокусирани на целосно испитување на случајот и преземање на сите мерки за соодветно санкционирање на сторителите, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top