| четврток, 6 декември 2018 |

Романот „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли објавен во Москва

Деновиве во Москва излезе од печат романот «Дваесет и првиот» од Томислав Османли.

Книгата ја објави реномираниот руски издавач Центар за книга «Рудомино». Преведувач на книгата е Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа е автор на пошироката едиција под наслов «Македонскиот роман на 21 век».

«Дваесет и првиот» е трето дело објавено во рамките на тој значаен за двете земји проект. Книгата е издадена многу квалитетно, во тврд повез, изгледа многу современо. На насловната корица е поместен фрагмент од сликата «Повик» на уметникот Илија Пенушлиски.

Издавачот го обезбеди печатењето и, што е многу важно, натамошната дистрибуција на книгата низ цела Русија. Наскоро читатели ќе имаат можност да се запознаат со “Дваесет и првиот” од Томислав Османли на Меѓународниот Саем на книга (Non/Fiction 2015) кoj ќе се одржи во Москва на 25-29 ноември.

Министерството за култура на Република Македонија преку конкурсот за странски издавачи го поддржа преводот на делото.

Преводот на романот «Дваесет и првиот» на руски јазик претставува уште еден влог во зацврстувањето на културните врски кои што постојат помеѓу двете пријателски земји Република Македонија и Руската Федерација.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top