На сцената на новиот театар во Велес вечерва на актерката Милица Стојанова ќе и биде врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“ што по десетти пат ја доделува Општина Велес.
Наградата се состои од 30 илјади денари и плакета со ликот на Петре Прличко.
Во чест на наградената актерка, ансамблот на велешкиот Народен театар ќе ја изведе претставата „Спанаќ со пржени компири“ во режија на Ненад Витанов.
Според драматургот Сашо Димоски, кој беше еден од членовите на жири комисијата, Милица Стојанова е жив дел од колективната меморија на македонскиот театар.
– Таа е јадро, учител, прекрасен соработник, реткост најдена во друга реткост. Таа е една од најголемите привилегии кои се случиле во македонскиот театар, жив музеј од сеќавања кои подеднакво го познаваат минатото и сегашноста и ја поседуваат моќта да ја предвидат иднината, вели Димоски.
Тој додава дека нејзината уметничка величина и актерско мајсторство не можат да се сведат на набројување на ролјите кои ги толкувала, ниту на импресивноста која го одзема здивот кога ја гледаат на сцената, ниту само на соработката која ја дава во процесот на создавањето театар.
Милица Стојанова е десетти добитник на наградата „Петре Прличко“, а прва жена актер која ја добива оваа висока награда. Досегашни добитници се актерите: Благоја Спиркоски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов Дац и Александар Ѓорѓиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Актерка Милица Стојанова ја доби наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија
-
Маџели на Милица Стојанова: „Дојди да те бакнам“
-
Милица Стојанова – добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“
-
Милица Стојанова: Ако сакате побрзо да умрам, тргнете ме од сцената!