| четврток, 6 декември 2018 |

Бројот на жртвите од пожарот во ноќниот клуб во Букурешт порасна на 43

zaginati-klub
Утринава починаа уште две од лицата кои минатата недела настрадаа во пожарот во ноќниот клуб во Романија, со што бројот на жртвите во трагедијата достигна 43 лица, пренесе ТАСС.

Министерството за здравство информира дека во моментов во различни болници се наоѓаат 103 настрадани во пожарот, а состојбата на 44 од нив е критична.

Романските медицински служби побараа помош од своите колеги во странство и неколкумина од настраданите веднаш беа испратени на лекување во Холандија и Австрија.

Пожарот избувна на 30 октомври во центарот на романската престолнина за време на пиротехничко шоу во ноќниот клуб „Колектив“. Првите елементи од истрагата покажаа мноштво пропусти во безбедносните правила.

Тројцата сопственици на дискотеката беа обвинети за убиство од небрежност и од вторникот се наоѓаат во притвор. Градоначалникот на реонот во кој се наоѓа клубот, исто така, вечера беше уапсен.

Трагедијата предизвика невидени протести во Романија против политичката елита, која се доживува како корумпирана и се смета за одговорна за пожарот. Под притисок на овие протести премиерот Виктор Понта во средата поднесе оставка.

Синоќа околу 3.000 Романци повторно излегоа на улиците на Букурешт до барањето за длабоки промени во романското општество.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top