| четврток, 6 декември 2018 |

Балетска премиера на „Балкан денс проџект вол.1“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва ќе се одржи балетска премиера на „Балкан денс проџект вол.1“, современа балетска претстава во кореографија на Александар Илиќ од Србија и Игор Киров од Македонија.

Настапуваат Мојца Мајцен од Словенија, Адријана Данчевска од Македонија, Катерина Стојковиќ, Миона Петровиќ и Теодора Сујиќ од Србија.

Музиката е на Дуке Бојаџиев, Кирил Џајковски, Баета Вискера -Петротин, Василие Ѓоковиќ, а сценографијата на Дуња Костиќ.

Проектот е во соработка со фестивалот „Велење“, Словенија.

„Балкан денс проџект“ е интернационална танцова продукција која ги обединува младите надежни кореографи, танчери и музички уметници од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.

Низ своите приказни, овие уметници го споделуваат индивидуализмот и во исто време истражуваат нови искуства за животот на балканските простори.

Со овој проект се соединуваат новата генерација уметници од балканскиот регион и се охрабруваат да соработуваат и да работат на интеграција споделувајќи го сличното културно наследство, да ја поттикнат креативноста, како и да ги раздвижат уметниците и културните работници, да го промовираат вкрстениот културен дијалог низ јазикот на уметноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top