Машката ракометна репрезентација на Македонија со пораз го почна настапот на турнирот „Кроација куп“ во Умаг. Вечерва Македонија загуби од домаќинот Хрватска со 29:21 (17:12).
Хрватска на самиот почеток одлично го „отвори“ дуелот и поведе со 3:0 и 7:2 што на крајот се покажа и како недостижна предност за македонските ракометари.
Најефикасен на дуелот беше Златко Хорват со седум голови, додека кај Македонија Жарко Пешевски постигна шест голови, капитенот Кирил Лазаров пет, а Филип Талески четири голови.
Селекторот на Македонија, Ивица Обрван, не е изненаден од поразот, посочувајќи на составот со кој заминал на турнирот.
-Многу откази и повредени играчи, не бевме толку квалитетни, но добро париравме, на 10. минути до крајот имавме еден многу добар резултат, ако така може да се дефинира кога сме во минус четири. Променивме многу играчи, со цел да имаме разбирање и за клубовите, ги извадивме во второто полувреме нашите главни ракометари Кирил Лазаров и Немања Прибак и им дадовме шанса да одиграат 30 минути на младите. Жал ми е што резултатот на крајот е превисок, драго ми е што имаше добро издание Филип Талески, покажа дека на него може да се смета, пред нас има многу работа, месец и пол до учеството на ЕП. Имаме ракометари кои што не играат, кои се надвор од форма и мораме низ нивните клубови да ги добиеме во што подобро издание со цел да формираме една респектабилна репрезентација на ЕП во Полска. Ќе бидеме уморни, повторно ќе ротираме со истите играчи, се надеваме на поволен резултат против Црна Гора и се надевам на еден коректен начин младите играчи ќе ја искористат шансата- го пренесуваат медиумите селекторот Обрван.
Во рамките на турнирот во Умаг, Македонија утре од 19 часот ќе игра против селекцијата на Црна Гора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.