| четврток, 6 декември 2018 |

Пијаните анестезиолози од гевгелиската болница уште имаат дозвола за работа

Комисијата на денешната седница го разгледала случајот и го препратила на Судот на честа. Неговите членови, меѓу кои има и судии, треба да решат дали лекарите што биле под дејство на алкохол во салата за операции кога почина родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе, направиле прекршок. Дури потоа Комисијата може да не им дозволи да работат како лекари

Пијаните анестезиолози од гевгелиската болница сѐ уште имаат дозвола за работа. Етичката Комисија при Лекарската комора не донесе одлука за одземање на нивните лиценци. Образложението е дека ја немале целосната документација за случајот, објави „Здравство24“.

Според порталот, Комисијата на денешната седница го разгледала случајот и го препратила на Судот на честа. Неговите членови, меѓу кои има и судии, треба да решат дали лекарите што биле под дејство на алкохол во салата за операции, кога почина родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе, направиле прекршок. Дури потоа Комисијата може да не им дозволи да работат како лекари.

Наредната недела, пак, ќе се знае кој ќе одговара кривично за случајот во Гевгелија. Велешкото обвинителство го добило обдукцискиот извештај и по анализирање на податоците ќе одлучи против кого ќе биде покренато обвинение. Неофицијално, веќе е познато дека и родилката и бебето починале од задушување поради погрешно интубирање. Покрај анестезиолозите и двајцата гинеколози во салата за операции на помош биле повикани и дежурниот интернист и директорот. Но неколкуте обиди за реанимација биле неуспешни. Царскиот рез бил направен на мртво тело.

Сопругот на починатата родилка најави дека ќе поднесе приватна тужба и правдата ќе ја тера до крај. Но прво ќе ја чека одлуката на обвинителството.

Кадиева имала уредна бременост без никакви компликации. Покрај обвинителството, случајот го истражува и Комисија од Министерството за здравство, дали во салата за операции било постапувано во согласност со протоколите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top