Македонскиот шампион ЖРК Вардар викендов го очекува можеби најважниот натпревар во Лигата на шампионите во рамките од четвртото коло.
По убедливата победа над Митјиланд во минатото коло во СЦ „Јане Сандански“, вардарки подготовени и мотовирани патуваат во Данска и со евентуална победа ќе ја зацврстат позицијата на табелата.
Левото крило Маја Сокач за официјалниот клупски сајт изјави дека сите девојки се подготовени и желни за трета победа во низа, на гостувањето кај Митјиланд.
– Победата во Скопје над Митјиланд одлично ни дојде и сега со сите сили се подготвуваме за да победиме и на вториот меч и да се вратиме со нови два бода од Данска. Потребно е само идентична игра како што игравме овде, ништо друго. Покажавме како се игра одбрана, како се игра напад, така што, би сакала да ја повториме истата игра. Мислам дека таму ќе ни биде потешко отколку во Скопје, но од нас зависи, ако одиграме како на првиот меч, Митјиланд не може да нѐ запре – изјави Сокач за официјалната веб-страница на ЖРК Вардар.
„Вардарки“ за Данска отпатуваа рано наутро, со лет преку Загреб и би требало да имаат добри два дена за аклиматизирање и адаптирање во Икаст, каде што ќе се игра натпреварот, в недела во 17 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.