Филмската ревија со наслов „Македонски филмски класици“, како дел од наследството на „Вардар филм“, по прикажувањето во текот на октомври во киното „Синеплекс“ во Скопје, ќе биде прикажана и во 12 градови низ Република Македонија.
Филмскиот центар „Вардар филм – Македонија“, покрај својата основна дејност, обезбедување техничка поддршка за филмските продукции, интензивно и посветено работи и на развојот и промовирањето на македонската филмска уметност.
Љубителите на седмата уметност во 12 македонски градови ќе може да ги видат класиците: „Хај – Фај“ во режија на Владимир Блажевски (снимен 1987); „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова ’49“ во режија на Столе Попов (1986); „Планината на Гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) и „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991).
„Националната установа Филмски центар ’Вардар филм – Македонија‘, како наследник на брендот ’Вардар филм‘ постои веќе две години. Познато е дека ’Вардар филм‘ како филмска продуцентска куќа постои речиси пет децении и во нејзина продукција се снимени речиси сите значајни македонски филмски дела, и анимирани и документарни и играни. Со ревијата сакаме да прикажеме барем еден мал дел од македонското
филмско наследство“, објасни Димо Попов, директор на „Вардар филм – Македонија“.
Филмската ревија „Македонски филмски класици“ ќе биде прикажана според следниот распоред во градовите Делчево (10-15.11.2015), Битола (16-22.11.2015), Охрид (9-13.11.2015), Струмица (16-19.11.2015), Неготино (9-13.11.2015), Гостивар (4-10.11.2015), Кичево (2-6.11.2015), Струга (9-13.11.2015), Крива Паланка (9-13.11.2015), Прилеп (18-22.11.2015), Македонски Брод (16-20.11.2015) и Дебар (9-13.11.2015).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.