Претседателот на Здружението на оштини на Баварија, Уве Брандл, инаку член на баварската Христијанско социјалната унија (ЦСУ), предупредува дека Германија е на пат речиси четирикратно да ја зголеми популацијата со исламска религија до 2020 година.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Брандл смета дека оваа демографска промена од „епски размери“ ќе ја промени засекогаш Германија, а Германците само молчат и гледаат што се случува без да реагираат.
Проекцијата за драматичните демографски промени се темели на зголемениот прием на бегалци и претпоставките дека секој од 3,5-те милиони бегалци, кои во наредниве неколку години ќе добие азил, веднаш потоа во Германија од матичната земја ќе доведе просечно по уште четри члена на своето семество.
Оваа бројка од околу 14 милиони луѓе заедно со 5,8-те милиони муслимани кои сега живеат во земјата, до 2020 година треба да ја формира бројката од 20 милиони или една четвртина од германското население.
Брандл кој е еден од жестоките критичари на политиката на отворени врати на германската канцеларка Ангела Меркел, смета дека високите трошоци за интеграција на бегалците ќе доведат до социјални немири меѓу невработените Германци.
Овие бројки кои што доаѓаат од најбогатата и најконзервативна германска покраина Баварија засега не се реалност, туку само проекција на дел од десно ориентираната германската јавност, но тие најдобро ја илустрираат поделбата што се случува во земјата, а која што може да донесе социјални тензии.
Дури и вицеканцеларот и лидер на социјалдемократите Зигмар Габриел и министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер се согласуваат дека кризата со мигрантите би можела да влијае на германската стабилност.
– Не можеме бескрајно да апсорбираме и интегрираме по еден милион бегалци секоја година, напишаа двајцата водечки германски политичари во писмото објавено во весникот „Шпигел“.
Верската определба на азилантите се повеќе е проблем и за регионите каде што има силно влијание на германската левица и кои традиционално важат за потолерантни кон странците без разлика на нивната вера.
На 21 октомври над 200 градоначалници од Западна Рајна – Вестфалија испратија писмо до канцеларката Меркел во кое предупредуваат дека повеќе не се способни да примат нови мигранти.
– Сериозно сме загрижени за нашата земја и градовите и населените места што ги претставуваме. Причина за тоа е масовното и најчесто неконтролирано пристигнувањње на мигрантите – и порачаа градоначалниците на Меркел, истовремено информирајќи ја дека се искористени сите можности за сместување на бегалците.
Уште полоша е состојбата во петте источни германски покраини, кои за време на Студената војна беа дел од Демократска Република Германија. Иако во овие региони има само околу 1 отсто странци, таму е најсилен анимозитетот кон мигрантите, особено кон тие со исламска религија.
Најголемите протести против политиката на Меркел кон азилантите не случајно се одржуваат во Дрезден, каде што е седиштето на ПЕГИДА, а најголем број на напади насочени кон мигрантите се случуваат во овој дел на Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.